X
 26.09.2022 Живот

На чиј погреб биле присутни повеќе лидери, на Тито или на кралицата Елизабета?

Оваа недела многу се зборуваше за погребот на кралицата Елизабета Втора, која почина на 8 септември, на 97-годишна возраст, по 70-годишно владеење.

Дури и пред самиот погреб, илјадници луѓе од сите возрасти и сфери учествуваа на нејзиното испраќање. Околу 250.000 луѓе го посетија нејзиниот ковчег во Вестминстерската палата во Лондон.

Последен пат кога Британците оддадоа почит некому било во 1965 година кога починал Винстон Черчил. На денот на погребот многу се зборуваше за однесувањето на членовите од кралското семејство, но сето тоа падна во втор план. Присуството на гостите, познатите личности и светските лидери на погребот на кралицата беше тема број еден. Околу 2.000 гости присуствуваа на погребната служба на кралицата.

На нејзиниот погреб имаше претставници на 167 земји, меѓу кои 18 монарси, 55 претседатели и 25 премиери. Бајден, Макрон, Фон дер Лајен, Алберт II од Монако и многу други.

бети
Погребот на кралицата Елизабета/Фото: Wikipedia


Меѓу монарсите беа и норвешкиот крал Харалд V, големиот војвода Анри од Луксембург, кралот Вилем-Александер од Холандија, кралот Филип од Белгија, кралот Фелипе VI од Шпанија, шведскиот крал Карл XVI Густаф, данската кралица Марагарет II и принцот Алберт II од Монако со принцезата Шарлин.

Од светските лидери на погребот беа присутни претседателот Џо Бајден, бразилскиот претседател Болсонаро, францускиот претседател Макрон и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, македонскиот претседател Стево Пендаровски, како и хрватскиот претседател Зоран Милановиќ.

Погребот на Тито и понатаму е поим за регионот


Погребот на Елизабета ги разбуди сеќавањата на луѓето од територијата на поранешна Југославија за погребот на Тито, кој на овие простори и понатаму се доживува како нешто посебно, нешто што е невозможно да се надмине.

Јосип Броз Тито почина на 4 мај 1980 година во Љубљана, во 15:05 часот. Истиот ден, во 18 часот, претседателството на СФРЈ и ЦК на Сојузот на комунистите на Југославија одржале вонредна седница во Белград и усвоиле проглас по повод смртта на Тито.

воз
Синиот воз што го носел ковчегот со телото на Тито од Љубљана до Белград/Фото: Wikipedia

Британската премиерка Маргарет Тачер, генералниот секретар на Комунистичката партија на Советскиот Сојуз, Леонид Брежнев, индиската премиерка Индира Ганди, романскиот претседател Николае Чаушеску, првиот претседател на Кореја, Ким ил-сунг.

На погребот на Тито присуствувале претставници од 127 земји во светот

Колку претставници имало на погребот на Тито? Во статијата од 18 мај 1980 година, списанието „Тајм“ наведува дека на погребот присуствувале претставници на 123 земји, меѓу кои четири крала, 32 претседатели, 22 премиери и над 100 претставници на комунистички или работнички партии. Имало 218 делегации од 126 земји.

- Погребот на Тито беше голем безбедносен предизвик бидејќи за кратко време, за неколку дена, се огласија доста голем број функционери од целиот свет. Стануваше збор за 209 делегации од 127 земји во светот. Меѓу другото, стануваше збор за четири крала, 5 принца, 38 претседатели на држави и 24 премиери. Што се однесува до медиумите, за тоа време бројките беа неверојатни. Имаше над 700 репортери од 60 земји, а 30-ина земји го следеа преносот во живо - вели историчарот Хрвоје Класиќ.

tito
Погребот на Тито/Фото: Wikipedia

Тито или Елизабета? Еве што велат процентите

Според бројките, се чини дека во предност е погребот на кралицата Елизабета Втора. Но, важно е да се каже дека денес ОН брои 193 земји членки, додека во 1980 година имало 148 земји членки.

Што се однесува до делегациите, на погребот на Елизабета беа присутни претставници на 86,5 отсто од светските земји. На погребот на Тито биле присутни 88,8 отсто.

- Имаше претставници на монархии и републики, демократи и диктатури, кралеви, принцови, претседатели на земји кои имаа нерешени прашања. Се собра група од оние што тешко би се собрале некаде освен во ОН. Беа присутни Маргарет Тачер, Вили Брант, Брежнев, Индира Ганди. Сите овие луѓе беа релевантни играчи на меѓународната сцена, па собири од ваков тип не беа вообичаени - вели историчарот Хрвоје.

- Погребот имаше големо симболично значење, но не станува збор само за симболика. Југославија играше важна политичка улога во светот за време на владеењето на Тито, но и по неговата смрт. Погребот на Тито беше важен за Југословените и беше повеќе од симболичен. Но, Југословените две децении пред погребот живееја во свет во кој во никој случај не беа споредни играчи. Тие беа активни играчи на меѓународната политичка сцена - заклучува историчарот Хрвоје Класиќ.

Извор: Index.hr
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот