Често се вели дека храната е универзален јазик, а во последниве години гастрономскиот туризам доживеа вистински бум. За многу патници, дегустирањето локални јадења е еден од најважните начини да се запознае нова култура и секојдневниот живот на нејзините жители.
Според тоа, објавена е листа со градови со најдобра храна во светот, составена врз основа на речиси половина милион прегледи од патници од целиот свет.
Неапол на прво место
Врз основа на оцените за регионални и национални јадења од 17.073 градови, победник е Неапол, големо пристаниште во Јужна Италија. Водичот создаден од „Тејст атлас“ ги наведува пица маргарита, њоки и сфољатела - тесто во облик на школка со кремаст фил - како јадења што мора да се пробаат таму.
Кулинарската историја на Неапол
Традицијата на неаполската кујна е длабоко вкоренета во неговата историја како антички пристанишен град, обликувана од грчки, римски и други културни влијанија. Мешавината е очигледна во едноставните, но висококвалитетни јадења - од раскошни аристократски рецепти до улична храна приготвена со свежи, локални состојки како домати од вулканска почва и изобилство од морска храна.
Според „Сикрет фуд турс“, гастрономската култура на Неапол е живописен одраз на неговата историја бидејќи секоја култура оставила свој белег, создавајќи единствена мешавина богата и со историја и со вкус.
Неодоливи десерти
Покрај солените јадења, Неапол нуди и голем број вкусни десерти, вклучувајќи бисквити тарало, „баба ал рум“ натопено во рум, струфоли - пржени топчиња од тесто прелиени со мед - и торта капрезе од чоколадо и бадем. Други локални специјалитети се пржени „графе наполетане“, слични на крофните, и „фиоки ди неве“, колачи во облик на снегулка исполнети со лесна и кремаста мешавина од рикота, шлаг и маскарпоне.
Италија доминира
Неапол не е единствениот италијански град на врвот на листата. Милано се најде на второто место, а Болоња на третото. Милано е познат по ризото, додека Болоња се смета за родно место на сосот рагу. Друг италијански град, Фиренца, се најде на четвртото место.
Топ 30 града со најдобра храна во светот според „ТејстАтлас“:
-Неапол
-Милано
-Болоња
-Фиренца
-Мумбај
-Рим
-Париз
-Виена
-Торино
-Осака
-Мадрид
-Њујорк
-Џенова
-Ница
-Лима
-Џакарта
-Кјото
-Газијантеп
-Ферара
-Њу Орлеанс
-Катанија
-Сингапур
-Венеција
-Истанбул
-Токио
-Сан Франциско
-Лисабон
-Гвадалахара
-Чикаго
-Филаделфија.
Извор: index.hr
Фото: Instagram screenshot