X
 26.11.2025 Живот

Како реагира срцето при трчање маратон секој ден во период од една година?

Уго Фаријас од Бразил во 2023 година поставил светски рекорд трчајќи 366 маратони по ред, поминувајќи над 42 км секој ден, на дожд и сонце, дури и кога бил настинат или повреден.

Во текот на овој неверојатен подвиг, тој учествувал во медицинско истражување кое следело како реагира неговото срце на екстремен физички напор, трчајќи вкупно 15.569 км во период од 12 месеци.

- Не бев некој голем спортист. Дотогаш имав учествувано само на еден маратон, но желбата да напишам нова животна приказна и да оставам белег во спортот едноставно растеше во мене - вели Уго.

Одлуката да ја напушти работата и да се посвети на спортскиот предизвик ја донел поради сè поголемото незадоволство од секојдневниот живот.

- Дојде момент кога се запрашав: Дали сум роден само за ова? Дали сакам да ја правам истата работа 35-40 години? Од мали нозе учиме дека треба да избереме кариера, тежнееме кон стабилност и кон тоа да основаме семејство и да се подготвиме за пензија. Но, почнав да чувствувам дека можам да направам нешто повеќе и да ги мотивирам луѓето на различен начин - вели Уго.

Тој собрал мултидисциплинарен тим од доктори, спортски експерти, тренери, физиотерапевти и психолог. Дел од тој тим бил Институтот за болести на срцето „Инкор“, кој ги следел неговите срцеви параметри, вклучително аритмии, преку ергоспирометрија и ехокардиографија.

Подвигот бил ризичен: тој се соочувал со студ, топлина, дожд, сообраќај, повреди, сериозна дијареја и болки, но успеал да ги надмине сите пречки. На 28 август 2023 година Уго ја завршил мисијата за која му биле потребни 1.590 часа и истрчани 15.569 километри, со што влегол во Гинисовата книга на рекорди.

 

Истражувањето покажало дека и покрај обемната физичка активност, немало знаци на оштетување на миокардот, т.е мускулното ткиво на срцето. Сите кардиоваскуларни промени претежно биле физиолошки, односно природни и здрави, и не укажуваа на каква било болест.

Експертите истакнуваат дека срцето на спортистите може да поднесе екстремен напор доколку се одржува умерен интензитет и се внимава на одмор и закрепнување. Уго трчал со просечен пулс од 140 отчукувања во минута, што е 70-80 отсто од максимумот за неговата возраст, што го држело во „безбедна зона“.

Истражувањето покажало дека и покрај огромниот обем на физичка активност, немало знаци на оштетување на мускулот на срцето, а сите промени на срцето биле физиолошки и здрави.

За своето искуство, Уго напишал книга, а планира и следен предизвик - да трча од Алјаска до Ушуаја, со цел да го инспирира светот за важноста на физичката активност и вербата во сопствените можности.

Извор: ВВС
Фото: Screenshot/BBC-video
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот