X
 27.01.2022 Живот

Кои европски земји ги заоструваат ковид-мерките, а кои ги ублажуваат?

Поголемиот дел од новозаразените лица со ковид-19 и смртните случаи поврзани со оваа болест во моментов не се од европскиот регион, но броевите и понатаму се високи. Според податоци од Светската здравствена организација (СЗО), инфекциите во Европа се зголемиле за 13 отсто минатата седмица во споредба со претходните 7 дена, иако бројот на смртни случаи се намалил за 5 отсто. Најмногу новозаразени има во Франција, Италија и во Германија.

Германија, Полска, Унгарија, Чешка, Бугарија и Романија во средата известиле за рекордни дневни случаи на заразени лица со ковид-19. Германскиот парламент се подготвува да расправа за предлози со кои ќе се бара или поттикнува вакцинирањето на жителите.


Фото: Pixabay

Во меѓувреме, Полска ги испраќа постарите ученици на настава на далечина, а Шведска изјавила дека ќе ги продолжи моменталните мерки за уште две недели бидејќи омикрон се шири со рекордна брзина во земјата.

Австрија, која неодамна воведе забрана за движење на невакцинираните, сега вели дека тоа повеќе не е оправдано бидејќи има помалку луѓе во болниците поради болеста. Сепак, на невакцинираните жители ќе им бидат забранети низа активности.


Фото: Pixabay

Данска планира да ги укине сите ограничувања поврзани со коронавирусот следната седмица. Оваа мерка треба да биде одобрена од парламентот, а според неа, ноќните клубови ќе може да работат, а рестораните ќе служат алкохол и по 22 часот. На гостите нема да им се бара потврда за вакцинација.

Слични најави имаше и во Велика Британија, Ирска и во Холандија минатата седмица поради помалиот број на новозаразени лица и хоспитализации.


Фото: Pixabay

Во Данска, бројот на новозаразени лица и хоспитализации се движел околу рекордните вредности минатите седмици, но властите велат дека не постои врска помеѓу зголемувањето на инфекциите и хоспитализацијата. Властите сметаат дека до 40 отсто од пациентите во болниците со позитивен тест на коронавирус се хоспитализирани поради други причини.

Извор: Dnevnik
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот