Околу 130 психолози преку Комората на психолози три месеци деноноќно работат со преживеаните млади луѓе, ученици, студенти, наставници, со родители кои ги загубија своите деца и граѓани кои ги загубија своите роднини во големата трагедија во дискотеката „Пулс“ која однесе 62 животи на 16 март годинава.
Секој индивидуално се носи со болката и загубата по несреќата, нема правила за заздравување, но психолозите прават сѐ за да се надмине колективната траума што го надвисна малото Кочани, но и цела Македонија.
За тоа како се одвива процесот на давање психолошка помош, советувања и какви беа реакциите на младите кои ја преживеаја кобната ноќ, но ги загубија своите другари, за Факултети.мк зборува д-р Мирјана Јовановска Стојановска, професор на Факултетот по психологија на МИТ Универзитетот и актуелна претседателка на Комората на психолози, која го менаџира целиот процес.
Како изгледа еден ден во Кочани, во што се состојат психолошките советувања?
- Ова е многу специфичен вид на катастрофа. Немаме материјални загуби, не мора да расчистуваме урнатини, последици од поплави или разрушени патишта. Загубата е во човечки животи. Затоа во интервенцијата за решавање на последиците од катастрофата треба да се помогне да закрепнат човечки души. Она што тимовите на психолози го правеа од првиот ден по несреќата беше давање прва психолошка помош. Ова значи дека беа на терен во сите населени места каде што имаше настрадани за да им дадат на луѓето поддршка, со своето присуство да креираат безбедна средина во која луѓето ќе можат да ги покажат своите емоции и да ги процесираат. Психолозите беа таму да ги валидираат емоциите на сите со кои дојдоа во контакт. Ова се првите чекори на патот за емоционална стабилизација.
Какви беа првичните реакции на младите чии роднини, другари беа жртви во пожарот, особено на оние што се спасиле, дали имаа чувство на вина дека тие се спасиле, а другите не?
- Младите, особено тие што вечерта биле во дискотеката, беа преплавени со силни емоции и требаше да им се даде простор каде што ќе зборуваат за нив и ќе ги покажат. Во такви ситуации психолозите се првиот ред на кој ќе се проектираат овие емоции, а тие ќе стојат и ќе ги амортизираат. Дури и кога младите одбиваа да разговараат со психолозите, тие ги прифаќаа нивните решенија со разбирање. Битно е да се почувствуваат разбрани. Психолозите се тука да им кажат дека што и да чувствуваат е нормална реакција на ваква „ненормална“ ситуација. Страв, неверување, збунетост, лутина, вина, тага, конфузија, очај, болка, неприфаќање, осуда се нормални придружни реакции на ваква трагедија.
Какви беа вашите совети во првите денови по трагедијата во Кочани? Постоеја ли зборови кои можеа да ги утешат оние што се соочија со траумата или изгубија блиски во пожарот?
- Присуството на психолозите е многу покомплексно и подлабоко. Создавањето безбедна средина, чувство дека не се сами со загубата и со она што го чувствуваат, знаењето дека некој мисли на нив и е тука секогаш кога сакаат да зборуваат и дека е тука и кога не сакаат да зборуваат, дека некој направил систем и организирал повеќе од 100 психолози од сите краеви на нашава земја да бидат тука, за нив создава почеток на некаква основа на која ќе се гради закрепнувањето. Секако дека во тие моменти никој не мисли на закрепнување, но ние сме тука да мислиме на тоа. Нема одредени зборови што утешуваат бидејќи болката и тагата предизвикани од ваква загуба се неутешни. Наше е да научиме како да живееме со нив.
Секој поединец различно се соочува со несреќа, но ова е колективна траума за цела земја, особено за малото Кочани. Ќе ја надминат ли оваа траума граѓаните на Кочани, има ли пишани правила за трагедија од таков размер?
- Ваква трагедија не може да се надмине, не може да се најде утеха за загубата. Она што може е со мали, бавни чекори да се учат вештини како да се живее со тоа. Учиме како да се живее со спомените, учиме да градиме рутина на живеење, учиме да продолжиме да работиме, да сакаме, да дипломираме, да се надеваме, да се школуваме и да одиме чекор по чекор низ времето. Споменот за тие што не се со нас секогаш ќе биде дел од нашиот живот и треба да зборуваме за нив и никогаш да не ги заборавиме. Тие заслужуваат да чекориме кон иднината за да бидат и тие дел од иднина.
Како да се справат со траумата луѓето што преживеаја и имаат физички промени и лузни на телото?
- Грижата за оние што се повредени во несреќата денес е еден од најважните ангажмани на психолозите. По многу часови на истражување за работата со млади повредени луѓе од најсовремените светски центри за рехабилитација, размислување и меѓусебни консултации се организираме и создадовме протоколи за давање психолошка помош на оние што сѐ уште се лекуваат и имаат најразлични последици врз здравјето. Потребно е време заедно, организирано и систематизирано и со многу емпатија да се движиме кон закрепнувањето.
Колку им беше тешко на психолозите да се соочат со една ваква колективна траума?
- Психолозите се тренирани да се соочат со вакви колективни комплексни трауми. Тренирани се да знаат како да се справуваат со своите емоции и знаат како да се справуваат со емоциите на другите. Потребна е голема професионална свесност за да се работи оваа работа. Исто така, имаат редовна супервизија и тренинзи. Организирана е поддршка за нив лично, тренинзи за самогрижа и создавање алатки да се спречи прегорувањето.
До кога ќе работат психолози во Кочани?
- Планот по кој работат психолозите предвидува моментални интервенции, интервенции за следната година, но што е многу важно - и за следните 5 години.