X
 27.07.2025 Живот

Емпатијата - сила што обединува или чувство што исцрпува?

Емпатијата е способност емоционално да се разбере што чувствуваат другите луѓе, да се гледаат работите од нивна гледна точка и да се замислите себеси на нивно место. Всушност, тоа е да се ставиш во чевлите на некој друг и да го почувствуваш она што тој го чувствува.

Терминот емпатија првпат го вовел психологот Едвард Б. Тиченер во 1909 година како превод на германскиот термин einfühlung.

Кога гледате друго лице како страда, на пример, откако изгубило сакана личност, емпатија е се замислите себеси како поминувате низ истото искуство и да почувствувате низ што поминува таа личност.

Неколку знаци укажуваат дека некој е емпатичен човек:

-навистина може да ги слуша другите имаат
-луѓето често му кажуваат за своите проблеми
-може да препознае како се чувствуваат другите луѓе
-често размислува за тоа како се чувствуваат другите луѓе
-другите луѓе му се обраќаат за совет
-често е поразен од трагични настани
-се обидува да им помогне на оние што страдаат
-препознава кога луѓето не се искрени
-понекогаш е исцрпен или преоптоварен од социјални ситуации
-искрено се грижи за другите луѓе
-тешко му е да постави граници во врските.

Видови емпатија

Емпатијата може да се манифестира во различни форми, во зависност од ситуацијата:

Афективна емпатија

Афективната емпатија значи способност да се разберат емоциите на друго лице и соодветно да се реагира на нив. Таквото емоционално разбирање може да доведе до чувство на загриженост за благосостојбата на друго лице или до чувство на лично страдање.


Соматска емпатија

Соматската емпатија е физичка реакција како одговор на она што го доживува некој друг. Луѓето понекогаш физички го доживуваат она што го чувствува друга личност. На пример, кога ќе видите дека некој друг се чувствува непријатно, може да почнете да се вцрвенувате или да имате вознемирен стомак.

Когнитивна емпатија


Когнитивната емпатија е способност да се разбере менталната состојба на друго лице и што тоа би можело да мисли како одговор на одредена ситуација. Ова е поврзано со она што психолозите го нарекуваат теорија на умот, или размислување за тоа што мислат другите луѓе.

Многуте придобивки од емпатијата


Способноста за доживување емпатија носи многу придобивки. Тоа е способност што ни помага да видиме и да почувствуваме што другите доживуваат. Бидејќи се идентификуваме со нив, можеме да одговориме на начини што ги зајакнуваат меѓучовечките односи.

Емпатијата ги зајакнува нашите односи


Емпатијата ни овозможува да градиме социјални врски со другите. Ако разбираме што мислат и чувствуваат луѓето, ние сме способни соодветно да реагираме во социјални ситуации. Истражувањата покажале дека социјалните врски се важни и за физичката и за психолошката благосостојба.

Емпатијата ни помага да ги регулираме нашите емоции

Емпатијата ни помага да научиме да ги регулираме сопствените емоции. Емоционалната регулација е важна бидејќи ни овозможува да управуваме со она што го чувствуваме, дури и во време на голем стрес, без да се преоптовариме.

Нè поттикнува да им помагаме на другите


Емпатијата нè поттикнува да им помагаме на другите луѓе. Исто така, и другите луѓе се посклони да ни помогнат кога доживуваат емпатија.

Можеме ли да имаме премногу емпатија?


Ако имаме премногу емпатија, тоа значи дека ни е грижа за благосостојбата и среќата на другите. Сепак, тоа може да значи и дека понекогаш ќе бидеме преоптоварени, исцрпени или дури и престимулирани од постојаното размислување за емоциите на другите луѓе. Ова може да доведе до замор од емпатија.

Заморот од емпатија, познат и како замор од сочувство, се однесува на емоционалната и физичката исцрпеност што можеме да ја почувствуваме по повторено изложување на стресни или трауматски настани. Исто така, можеме да се чувствуваме вкочанети или беспомошни, да се изолираме и да немаме енергија.

Заморот од емпатија е проблем во одредени ситуации. Студиите покажуваат дека заморот од сочувство може да се јави ако здравствените работници не се во можност да ги избалансираат своите чувства на емпатија (особено афективната емпатија).

Други истражувања ги поврзуваат повисоките нивоа на емпатија со тенденција кон емоционална негативност, што потенцијално го зголемува ризикот од емпатичен дистрес.

Извор: eklinika.telegraf.rs

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот