Александар Михајловски од Велес стана вицешампион во брзо моделирање на светскиот шампионат во 3D-CAD брзо моделирање на Тоби Шнарс.
Александар повеќе од 16 години е во водите на 3Д-дизајнот. Студирал на Техничкиот факултет во Битола и повеќе од 16 години работи 3Д-дизајн во Македонија, но и за странски компании. Моментално е вработен во автомобилска индустрија во индустриска зона Бунарџик.
- Овој турнир е моето трето учество на ваков настан. Учествував на 2024 Светскиот шампионат во брзо 3Д-моделирање, на кој не постигнав висок резултат. Исто така, учествував на овогодишниот „2025 Spring Open“, каде што бев втор, изгубив во финалето од истиот шампион од кој го изгубив и ова финале на Светскиот шампионат - вели тој.
Александар ни објасни како се одвива натпреварувањето.
Идејата за брзинско моделирање припаѓа на Dassault Systemes, кои се производители на најголемите и најраспростанети CAD (Computer Aided Design) системи „Солид Воркс“ и CATIA. Овие системи се користат за 3Д и 2Д моделирање/дизајн,....) и во многу индустрии. „Солид Воркс“ еднаш годишно, вообичаено во февруари, прави настан/натпревар кој се вика „Model Mania“, на кој имаат право на учество корисници и препродавачи/дистрибутери на нивниот софтвер. Но, овој турнир не е многу познат бидејќи е само за корисници на „Солид Воркс“, но и нема никаква визуелна трага. Се објавува 2Д-технички цртеж, кој доколку се нацрта точно и прецизно во 3Д, со правилниот материјал и густина на материјал, ќе се добие тежина (маса) на делот која би била точниот одговор на прашањето. Оној што прв ќе одговори точно е победникот. Сепак, немаме слика од процесот на цртање, нема увид во натпреварувачите и не знаеме со кого се натпреваруваме. Едноставно по еден ден на истата конференција се објавува победникот.
Еден од победниците на овој турнир е Тоби Шнарс од Филаделфија, САД, кој во меѓувреме е и вработен во „Солид Воркс“ како експерт, инструктор и техничка поддршка. Тој пред 5-6 години решава да направи турнир по моделот на „Model Mania“, но со негови измени. Ова има цел да го направи моделирањето забавно, но со текот на годините прераснува во меѓународен настан, со учесници од повеќе од 15 држави по настан.
Тоби како индивидуа ја започнува приказната на канал на „Јутјуб“ и од 2020 година прави онлајн турнири. Оттогаш квалитетот на оваа содржина континуирано се подобрува.
Овде почнува револуцијата на овој тип е-спорт. Неколку причини зошто:
1. Нема ограничување на кој CAD-систем би го користеле, секој натпреварувач се натпреварува со програмата што знае да ја работи или има лиценца. Бидејќи има доста бесплатни, ова е навистина голем чекор;
2. За да се квалификуваме како учесници, претходно работиме на цртеж и според времето на завршување добиваме ранг-листи. Најдобрите поминуваат во официјалниот турнир;
3. Сè се одвива во принцип на турнир, а не само еден цртеж. Секој меч помеѓу натпреварувачи трае до две добиени рунди. Победник е оној што ќе биде двапати побрз од противникот. Двапати треба да се нацрта точен 3Д-модел, а право на одговор имате двапати. Ако дадете два погрешни одговори, веќе немате право на обиди за конкретниот цртеж;
4. Секој меч оди директно на „Јутјуб“ со тоа што натпреварувачите го споделуваат својот екран, а одговорите се постираат во чет - сите го гледаат во живо. Тоби го најавува, па го покажува 2Д-цртежот, со што почнува мечот. Никој освен Тоби го нема видено цртежот претходно. На овој начин гледаме техника на цртање истовремено на двата натпреварувачи. Процесот на донесување одлуки во дизајн и планирање на последователни чекори во дизајн играат клучна улога за исходот на мечот;
5. Додека трае мечот, организаторот дава свој коментар, тој е експерт по 3Д-моделирање, па и неговиот коментар е експертски;
6. Секој меч е доста динамичен и возбудлив. Креативноста и иновативноста на секој дизајнер се прикажани во живо. Исто така, секој меч си носи своја драма, како финалната рунда која ја загубив за само 3 секунди.
Со текот на годините тимот на организаторот значително е пораснат и имаат воведено многу новини во светот на CAD. Секој понеделник секој што сака може да си ги проба сопствените 3Д-вештини во споредба со шампион во 3Д-моделирање. Има цела библиотека на 2Д и 3Д-модели кои се за вежбање, одлични за студенти, но и искусни дизајнери. Нуди обуки/тренинзи од секаков тип поврзани со CAD. Има дискорд канали и други места на социјални мрежи каде што млади неискусни студенти или 3Д-ентузијасти се дружат со искусни 3Д-дизајнери и експерти и споделуваат знаења. ТТТ заедницата е многу голема (во ова поле) и многу активна (Too Tall Toby е името на веб-страницата, каналот, брендот, заедницата).
- Ниту факултетот ниту колегите не ми помогнале колку што ми помогнала ТТТ (TooTallToby) заедницата, навистина има премногу да се научи, сето тоа бесплатно. Ова би требало да е главната порака до сите студенти и 3Д-ентузијасти - нагласува Александар.
Тој додава дека наградите на секој турнир се различни, во зависност од спонзорите, но традиционално највредни награди има на светскиот шампионат, како најпрестижен.
- Оваа година наградите беа 3Д-печатачи од спонзорот „Пруса“ - квалитетни и многу прецизни печатачи кои тешко се набавуваат во Македонија. Според истражување што го правев јас, вредноста им е 500 долари за 3. и 4. место, 950 долари за второ и 1.500 долари за прво место. Имајќи ја предвид доставата, ДДВ и царина, што ги покрива ТТТ, цените растат за 500 долари - вели тој.
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.