Првиот македонски долгометражен анимиран филм, „Јон Вардар против галаксијата“ од вчера, четврток 27 март, се прикажува во киносалите во Унгарија.
Филмот викендов имаше специјална проекција пред новинарите и претставниците од филмската индустрија во Будимпешта, во присуство на режисерот Гоце Цветановски и екипата од Унгарија што работеше на проектот.
- Унгарија последна влезе во копродукција, но прва ја заврши својата работа, и тоа го направи одлично. Благодарен сум му на целиот унгарски тим чиј придонес беше од суштинско значење за овој проект од историско значење, како прв македонски долгометражен анимиран филм - рече режисерот Цветановски.
Модераторот на настанот го спореди филмот со „Војна на ѕвездите“ и „Ѕвездени патеки“, додека целиот простор во кинокомплексот „Синема сити“ беше брендиран во знакот на „Јон Вардар“.
Унгарски копродуцент на филмот е Ева Конрад од „Уматик ентертејнмент“, а филмот доби поддршка од Унгарскиот филмски институт и Унгарската филмска лабораторија. За потребите на проекцијата, „Јон Вардар“ беше синхронизиран на унгарски јазик, а главните улоги ги толкуваа еминентните актери Тамаш Маркович, Миклош Капачи и Герда Пикали.
Филмот е копродукција помеѓу Македонија, Унгарија, Бугарија и Хрватска, а е поддржан од Агенцијата за филм.