Македонски тим од млади иноватори разви навигациски систем за прецизен пристап при операција на 'рбетот. Софтверот е целосен без радијација, со технологија која радикално го менува начинот на кој се изведуваат интервенциите на 'рбетот.
Иновацијата е дело на македонскиот тим од софтвер-инженери на меѓународната компанија „Паткипер сурџикал“ (Pathkeeper Surgical) која има претставништво во Македонија, а ја предводи Бојан Матовски.
Во интервју за „Факултети.мк“, Матовски открива која е најголемата вредност на овој македонски систем, колку се менува хирургијата со оваа иновација, кои се придобивките за пациентите и во кои операциони сали се користи.
За каков софтвер се работи, колку се менува хирургијата со оваа иновација?
- Нашата технологија не е само софтвер, туку е целосен навигациски систем што радикално го менува начинот на кој се изведуваат операции на ‘рбетот.
Најголемата вредност што ја носи нашиот систем е прецизната навигација која овозможува хирурзите да работат со сигурност наместо да се потпираат на работа со слободна рака. Зошто е ова толку важно? Затоа што глобалните податоци покажуваат дека најмалку 20 % од операциите изведени без навигација завршуваат со погрешно позициониран шраф. Тоа значи дека еден од пет пациенти е изложен на повторна операција, во рок од само две години. Замислете: човек оди на комплексна операција за болки во ’рбетот и по кратко време повторно се враќа на иста процедура, со можеби уште поголеми ризици.
Дополнително, кај речиси 30 % од случаите шрафовите се поставени подоптимално — што често предизвикува нови болки, понекогаш дури и полоши од оние што пациентот ги имал пред операцијата.
За да се избегнат овие грешки, хирурзите користат навигациски системи кои го следат инструментот што го држат. Но тука настанува нов проблем: поголемиот дел од тие системи не ја следат и анатомијата на пациентот. Доколку телото се помести за време на операцијата, тие системи мора да направат нова 3Д-снимка со т.н. „О-арм“ уред (вид интраоперативен КТ-скен). Освен што ова зрачи, процесот трае и до 20 минути, што ја продолжува операцијата и создава дополнителен стрес.
Иако пациентот не е изложен на многу скенови, персоналот кој секојдневно работи со овие системи прима зрачење еднакво на 3.000 рендген-снимки годишно — дури и со сите заштитни мерки. Тоа е алармантно. Згора на тоа, гломазноста и сложеноста на овие уреди ги одвраќаат многу хирурзи од користење навигација и ги тераат да се вратат на слободна рака, со што се губат и сите придобивки за пациентите. Кај децата, ситуацијата е уште посериозна - зрачењето не е безначајно бидејќи младото ткиво е многу почувствително и ризикот за појава на малигни промени е повисок.
Во една реченица: хирургија со слободна рака значи ризик за пациентот, а традиционалните навигациски системи значат ризик за медицинскиот персонал.
PathKeeper го решава овој проблем со револуционерен пристап — ние не го следиме само инструментот, туку и анатомијата на пациентот во реално време. Нашата блиску-инфрацрвена 3Д-камера овозможува ажурирање на позицијата на телото за неколку секунди, без зрачење. Така обезбедуваме подмилиметарска точност, без ризик за здравјето на тимот или пациентот. И тоа не само што е побезбедно, туку е и до 20 пати побрзо од традиционалните решенија.
Во моментов сме фокусирани на отворени операции во торакалниот и лумбалниот дел од ’рбетот, но веќе развиваме и верзии на системот за минимално инвазивна и перкутана хирургија.
Колку е важна оваа иновација за здравството, особено за хирурзите, кај кои може да дојде до негодување од стравот дека ВИ ќе ги замени?
- Оваа иновација има огромно значење за здравствениот систем, не само поради безбедноста и прецизноста што ја носи, туку и поради улогата што ја игра во трансформацијата на хируршката практика.
Но важно е да се нагласи: ова не е технологија што го заменува хирургот, туку технологија што го зајакнува. PathKeeper е асистивен систем - тој работи заедно со хирурзите, а не наместо нив. Во секоја клучна фаза од операцијата токму хирургот го има последниот збор; софтверот дава насока и визуелна поддршка, но човекот ја носи одлуката. Хирургот активно ја потврдува точноста на секој чекор и постојано е во контрола на целата процедура. Така што, наместо да се плашат дека ќе бидат заменети, хирурзите треба да ја препознаат оваа технологија како партнер кој им помага да бидат подобри, побрзи и побезбедни.
Од друга страна, медицината, како и секоја друга професија, е во постојан технолошки развој. Хирурзите што остануваат отворени кон нови алатки ќе можат да понудат повисок квалитет на третман, а оние што одбиваат да се приспособат ризикуваат да останат чекор зад своите колеги - не затоа што не се добри хирурзи, туку затоа што не ја користат најдобрата поддршка што им стои на располагање.
На крајот на краиштата, ова не е прашање на замена, туку на еволуција. Вештачката интелигенција и асистивните технологии се тука да ни помогнат - и на хирурзите и на пациентите.
Кои се придобивките за операторите, а кои за пациентите, во однос на прецизност, болки, радијација?
- Како што кажав и во првиот одговор, придобивките од PathKeeper се значајни и за пациентите и за медицинскиот персонал, но се манифестираат на различни начини.
За пациентите, најголемата придобивка е прецизноста. Нашиот систем овозможува поставување шрафови со подмилиметарска точност, што значи дека се намалува ризикот од грешки, неправилни позиции и повторни интервенции. Со тоа директно се намалува и постоперативната болка, времето на закрепнување и потребата од ревизии во следните години. Тоа е разликата меѓу зафат што го решава проблемот еднаш засекогаш и зафат што создава нов циклус на страдање.
За операторите, односно хирурзите и медицинскиот тим, најголемата корист е драматичното намалување на изложеноста на радијација. Благодарение на нашата технологија, која овозможува ажурирање на анатомијата во реално време, без потреба од повторливи КТ-скенови и рендген-снимки, го отстрануваме главниот извор на кумулативна радијациска доза. Тоа значи дека хирурзите не мора да избираат помеѓу сопствената безбедност и точноста на зафатот.
Со други зборови, пациентите добиваат побезбедна и поточна интервенција, а операторите - побезбедна и поефикасна работна средина.
Кои проблеми ќе се минимизираат со оваа иновација?
- Со воведувањето на оваа технологија се минимизираат не само честите, туку и најсериозните ризици поврзани со операциите на ‘рбетот.
Некои од најтешките компликации што можат да настанат за време на хируршка интервенција се: работа на погрешно ниво од ‘рбетот, пенетрација во спиналниот канал, оштетување на крвни садови, повреда на нерви или дури и пукање на коска при вметнување имплант. Дополнително, често се случува и лошо прикачување или нестабилна фиксација на шрафовите, што може да резултира со повторна интервенција и долготрајна болка кај пациентот.
PathKeeper овозможува хирурзите прецизно да навигираат низ овие предизвици – без потреба од интраоперативна КТ. Со нашата технологија овие ризици драстично се намалуваат бидејќи позиционирањето е реално-временско, прецизно и константно потврдено со податоци од самиот пациент.
За која таргет-група е наменет овој производ, дали може да се извршуваат операции на деца?
- Во моментов PathKeeper се користи, пред сè, во две главни групи хируршки зафати: спинални фузии, кои се почести кај повозрасна популација и корекции на деформитети, што најчесто се изведуваат кај деца.
Тоа значи дека системот е применлив и за возрасни и за педијатриски пациенти. Особено важно е тоа што при третман на деца - каде што радијацијата може да има долгорочни последици - нашата технологија нуди огромна предност бидејќи овозможува навигација без интраоперативно зрачење.
Покрај тоа, постојано работиме на проширување на системот со нови можности, со цел да покриеме уште поширок спектар на процедури. Во тек е развој на функционалности за поддршка на минимално инвазивна и перкутана хирургија, што ќе го направи PathKeeper уште посоодветен за различни видови пациенти и различни оперативни техники.
Нашата крајна цел е технологијата да стане универзална алатка, без разлика на возраста на пациентот, типот на зафат или оперативниот пристап.
Дали ова е целосно македонска иновација?
- PathKeeper е глобална иновација со силен македонски печат. Иако производот се развива на неколку локации – со седишта во Израел и Македонија, соработка со инженери од Кина, Индија и Русија, како и клиничка поддршка од хирурзи во Европа и Велика Британија – срцето на системот, односно софтверот, е целосно македонски.
Повеќе од 90 % од кодот и алгоритмите што го движат PathKeeper се развиваат токму во канцеларијата во Скопје. Тимот тука вклучува високоспецијализирани истражувачи, развивачи и тестери, како и тесна соработка со професори, машински и „embedded“ инженери, но и домашни и странски медицински експерти. Камерата, која е еден од технолошките столбови на системот, се произведува во Кина по наш дизајн и спецификација.
Иако е светски продукт по својот обем и пазарен фокус - најмногу ориентиран кон САД - PathKeeper е пример како македонски тим може да игра клучна улога во светската медицинска иновација.
На што уште работите вие како тим од Македонија во оваа компанија, на какви навигациски системи?
- Како тим во Македонија, целосно сме фокусирани на развојот и унапредувањето на PathKeeper системот – затоа што сме продукт-ориентирана компанија и веруваме во длабочински развој, а не во широка дисперзија.
Нашиот фокус е да го направиме овој уред најпрецизниот и најпрактичниот навигациски систем за хирургија на ‘рбет и затоа постојано работиме на нови модули и подобрувања: дали е тоа поддршка за минимално инвазивни пристапи, перкутани интервенции или адаптација на системот за различни видови анатомски ситуации.
Македонскиот тим игра клучна улога во тоа – ние не сме само „поддршка“, туку ја водиме софтверската архитектура, реално-временските алгоритми, 3Д-визуализацијата, обработката на податоци и корисничкиот интерфејс.
Со други зборови, иако работиме на еден производ, тој е доволно сложен за да нуди предизвик и простор за иновација во секој дел од технологијата.
Каде се користи овој систем, дали ќе почне да се користи кај нас?
- PathKeeper системот веќе е во употреба во САД и Израел – две земји со високи стандарди и строги регулативи за медицинска технологија. Во двете држави го имаме потребното одобрение од регулаторните тела, и системот активно се користи во клинички услови. Тоа не само што ја потврдува техничката зрелост на технологијата, туку и нејзината безбедност и ефективност во реални хируршки интервенции.
Во Македонија сме во почетна фаза на добивање дозвола од Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), што ќе ни овозможи да започнеме со локални активности – од клинички тестирања и работа на кадавери, до потенцијална употреба во живи операции, секако, под строго контролирани услови.
Целта ни е не само да донесеме висока технологија дома, туку и да вклучиме македонски хирурзи во развојните фази и евалуацијата на секој новитет кој го градиме, со што се прави еден долгорочен и значаен медицински екосистем и во земјава.
Фото; приватна архива