Резултатите за самодоверба се зголемуваат повеќе од двојно во рок од една година по операција за губење килограми, покажува нова студија презентирана неодамна од страна на Американското здружение за метаболна и баријатриска хирургија.
Истражувачите од Медицинскиот центар „Гајзинџер“ откриле дека по баријатриска хирургија, оцените за самодоверба се зголемиле од 33,6 на 77,5 - што е зголемување за повеќе од 40 поени. Колку е поголем резултатот на скалата од 0 до 100, толку е повисоко нивото на самодоверба и квалитет на животот. Изгледа дека поголемиот број изгубени килограми го поттикнува зголемувањето на самодовербата со оглед на тоа што резултатите биле највисоки кај оние што изгубиле најмногу тежина и покрај демографските разлики, вклучувајќи пол, возраст и раса или тип на баријатриска процедура.
Истражувачите користеле одржувана база за да идентификуваат 5.749 пациенти на возраст од 18 и повеќе години со индекс на телесна маса (БМИ) од 35 или повеќе, кои имале метаболична и баријатриска операција во периодот меѓу 2006 и 2019 година. Пациентите пополниле анкета за влијанието на тежината врз квалитетот на животот пред операцијата и 12 месеци по операцијата за да ги оценат стигмата поврзана со тежината и нивниот квалитет на животот.
-Разбирањето на стигмата поврзана со тежината и психосоцијалните фактори поврзани со дебелината се клучни за нудење холистичка нега. Додека овие фактори не треба да ја диктираат одлуката за да се оди на баријатриска хирургија, тие треба да се важен дел од разговорот - истакна коавторот на студијата Џастин Дјани.
Стигмата поврзана со тежината е поврзана со негативни здравствени исходи како депресија, анксиозност, нарушено јадење и ниска самодоверба. Меѓу возрасните лица со дебелина, преваленцијата на дискриминација поради тежината е 19 % до 42 %, со повисоки стапки пријавени меѓу оние со повисок БМИ и меѓу жените.
Извор:
Science Daily
Фото: Freepik