X
 28.05.2025 Живот

Од сиромашна транзициска земја до европско економско чудо

Според најновите податоци на Светската банка, Полска по БДП по жител приспособен според куповната моќ ја достигна Јапонија, а наскоро може и да ја престигне. БДП по жител во Полска изнесува 49.464 долари, додека во Јапонија е 50.206 долари. За споредба, Обединетото Кралство има 58.906 долари. Овие бројки покажуваат колку полската економија се трансформирала во изминатите две децении.

Пред дваесет години Полска имала само 48 отсто од просечниот БДП по жител на Европската Унија, а денес таа бројка достигна 82 отсто, израмнувајќи се со Португалија. Полската економија се удвоила во овој период, растејќи побрзо од сите соседи во Централна Европа и двапати побрзо од просекот на ОЕЦД.

Просечниот годишен раст на полскиот БДП од 1996 до 2024 изнесува 3,88 отсто, со рекордни 7,1 отсто во 2007 година. Во исто време, стапката на невработеност падна од над 20 отсто на само 2,6 отсто, далеку под просекот на ЕУ (5,8 отсто) и еврозоната (6,2 отсто). За 2025 се предвидува раст од 3,4 отсто, поттикнат од реформи и европски инвестиции.

Полскиот економски успех е еден од најимпресивните во Европа во изминатите 30 години. Од сиромашна постсоцијалистичка држава која во 90-тите минуваше низ тешка транзиција, Полска израсна во една од најдинамичните економии на Европската Унија.

По падот на социјализмот, Полска спроведе длабоки економски и политички реформи предводени од синдикатот „Солидарност“ и Лех Валенса. Веќе во 1989 година беше спроведен планот познат како „шок-терапија“, креиран од тогашниот министер за финансии Лешек Балцерович. Првите две години по „шок-терапијата“ имало голема криза, но веќе во 1992 започнал растот, а до 1995 Полска се вратила на нивото пред реформите. Оттогаш, полската економија расте побрзо дури и од западноевропските земји. Во 2003 земјата влезе во ЕУ, а во 2008 беше единствена членка што избегна рецесија.

јапонија
Фото: Our world in data

Денес Полска има една од најразвиените и најотпорни економии во регионот. Нејзината индустрија остана силна, со повисок удел на индустриски работници дури и од Кина, а извозот е доста разновиден: електроника (10 отсто), машини (15 отсто), метални производи (10 отсто), фармација (5 отсто), пластика (7 отсто), како и автомобили, автобуси и бродови (10 отсто).

Оваа разновидност ја прави Полска отпорна на надворешни шокови. Земјата има стабилна монетарна политика и јавен долг под 50 отсто од БДП. Населението е помалку задолжено отколку во другите земји во ЕУ.

ЕУ-фондови и странски инвестиции

Полска доби 170 милијарди евра од фондовите на Европската Унија од 2004 наваму, а над 2 отсто од БДП годишно се вложени во инфраструктура, образование, претприемништво и јавни услуги. Со стабилна политичка клима и евтина работна сила, Полска привлекува сѐ повеќе странски инвестиции. Во 2021 странските директни инвестиции достигнаа рекордни 24,8 милијарди долари, 83 отсто повеќе од 2020.

Јапонија стагнира


Додека Полска расте, по децении силен раст Јапонија се соочува со економска стагнација. Проблемите се ниска инфлација, стареење на населението и пад на работоспособната популација. Речиси 30 отсто од жителите се постари од 65 години, а земјата има рестриктивна имиграциска политика, што го отежнува надоместокот на недостигот на работна сила.

И покрај високата технологија и силните брендови, продуктивноста заостанува, многу мали компании не се дигитализирани, а јавниот долг е највисок меѓу развиените земји.

Полска е економски рамноправна со водечките земји


Полска сега е силна поддршка на САД, а и стратешки важна земја за безбедносната, економската и енергетската политика на ЕУ. Блискоста до Украина и блиското партнерство со Западот ја зголемуваат нејзината геополитичка важност.

Освен тоа, има една од најправедните распределби на доход во Европа.

Државата што во 90-тите се соочуваше со тешка транзиција, денес е економски рамноправна со членките на Г7. Полска не само што ја достигна Јапонија, туку стана и пример за другите поранешни социјалистички земји дека со вистински реформи и поддршка, сè е можно.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот