Бројот на милионери се зголеми за 1,1 милион оваа година, при што богатите Кинези првпат се помногубројни од богатите Американци, покажуваат податоците од најновата студија на швајцарската банка Кредит Свис.
Годишното истражување за богатството на Кредит Свис покажува дека во средината на оваа година меѓу првите 10 проценти од најбогатите во светот – 100 милиони се Кинези во споредба со 99 милиони во САД.
- И покрај трговските судири меѓу САД и Кина во текот на изминатите 12 месеци, обете држави постигнаа силен напредок во создавање богатство, придонесувајќи со 3,8 милијарди долари, односно со 1,9 милијарда долари - рече директорката за светска економија и истражување во Кредит Свис, Нанет Хеклер-Фејдхерб.
Бројот на милионери низ светот се зголеми за 1,1 милион на 46,8 милиони, со вкупна нето-вредност од 158,3 милијарди американски долари, што претставува 44 отсто од вкупниот износ во светот.
Во САД се создадени половина од вкупно 675.000 нови милионери.
Падот на просечното богатство во Австралија, во најголем дел поради курсните разлики, се намали за 124.000 милионери. Велика Британија изгуби 27.000 милионери, додека во Турција тој број е помал за 24.000.
Според истражувањето, проценето е дека 55.920 луѓе имаат најмалку 100 милиони долари, додека 4.830 поседуваат нето-средства над 500 милиони долари.
Глобалното богатство, кое се зголеми за 2,6 проценти минатата година, ќе се зголеми за 27 проценти во текот на следните пет години, на 459.000 милијарди американски долари до 2024 година, прогнозира Кредит Свис. Бројот на милионери, исто така, ќе се зголеми во текот на овој период на близу 63 милиони.
Во светот 56,6 проценти од луѓето поседуваат помалку од 10.000 американски долари, 32,6 проценти од лицата поседуваат помеѓу 10.000 и 100.000 долари, 9,8 проценти од луѓето поседуваат меѓу 100.000 и 1 милион долари, додека 0,9 проценти од светското население поседува речиси половина од светското богатство.
Извор: МИА