X
 29.05.2019 Живот

Првпат во историјата забележана албино панда

Првпат е забележана албино џиновска панда во Кина.

Оваа досега невидена глетка ниту сега не беше забележана директно од човечко око, туку беше фатена од инфрацрвена камера и сите сме среќни што се случи тоа затоа што светот сега може да го види ова неверојатно и ретко животно, за кое се проценува дека има само една или две години.

Од Националниот природен резерват во Волонг, во кинеската провинција Сичуан, ја објавија фотографијата од џиновската панда (Ailuropoda melanoleuca) и објаснија дека таа била направена кон средината на април.

Албинизмот е ретка генска состојба која се јавува и кај луѓето и кај животните. Тоа е конгенитално нарушување кое се карактеризира со целосен или делумен недостиг на пигмент во кожата, косата и очите, поради отсуство на ензим кој е вклучен во лачењето меланин.

Иако недостигот на меланин општо ги прави албино единките почувствителни на сончева светлина и може да предизвика проблеми со видот, изгледа дека ова мече не е многу оштетено. Според истражувачите, тоа изгледало силно и чекорите му биле стабилни, што е знак дека генетичката мутација можеби и не му го отежнала животот во голема мера.

Во регионот ќе бидат додадени нови камери во обид да се интензивира следењето на ова животно, кое е важно бидејќи никогаш порано не била документирана целосно бела албино панда.

Се проценува дека во дивината има уште помалку од 1.900 панди, а само 500-1.000 од нив се зрели единки. Иако се смета дека во последниве години има зголемување на бројот, уште постои загриженост за овој убав вид, а сега и за најновиот член - суштество кое е ретко меѓу ретките.
Подготвил: Билјана Арсовска
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот