X
 29.07.2017 Култура

Најубави места за набљудување на ѕвездите

Ви ги откриваме најубавите дестинации на планетата со величествен поглед кон ѕвезденото небо.


1. Мауна Кеа (Хаваи)

На висина од 4.205 метри, на восхитувачки убавиот врв на планината Мауна Кеа, истовремено и седиште на најголемиот оптички телескоп на светот, имате можност да уживате во погледот на преубавото небо и спектакуларните изгрејсонца и зајдисонца.

2. Пустината Атакама (Чиле)

Пустината Атакама во северниот дел на Чиле претставува идеална дестинација за набљудување на ѕвездите од три причини: висината, незагадениот воздух/небо и најсувиот воздух на Земјата. Во опсерваторијата АЛМА се наоѓа најмоќниот радиотелескоп кој користи 66 сателитски антени за набљудување на вселената, а наскоро ќе му се придружат и многу други телескопи.

Покрај тоа, низ долината на Елкуи се наоѓаат десетина опсерватории кои ги посетуваат стотици посетители дневно. Елкуи Домос на периферијата на пустината нуди незаборавно искуство и најдобар поглед кон ѕвездите: хотелот нуди и шатори со отворен покрив или колиби со стаклени покриви.


3. Природниот резерват Намиб Ранд (Намибија)

Природниот резерват Намиб Ранд се наоѓа во пустината Намиб, а најблиското село е на 100 километри од овој резерват. Тука посетителите можат да кампуваат во пустината и да шетаат по дините. Во ова подрачје се наоѓа и комплексот кампови „Волведанс“, кој може да ви понуди и фантастичен поглед на небото од главната тераса.



4. Тенерифе (Канарски Острови)

Оддалечените Канарски Острови се познати по чистото, темно небо, благодарение на големата надморска височина и оддалеченоста од тропските бури. Згора на тоа, на Тенерифе, најголемиот од седумте острови, донесен е закон што го контролира патувањето со авиони за да ги заштити условите за набљудување на ѕвездите.

Доколку сакате да набљудувате ѕвезди, од април до декември можете да ја посетите опсерваторијата Теида или со жичница да се искачите до вулканските планини Теида и да уживате во вечерниот поглед на небото.



5. Аораки Мекензи (Нов Зеланд)


Најголемиот резерват на темното небо во светот се наоѓа на висорамнината Мекензи во Нов Зеланд.

Ноќната тура во опсерваторијата Маунт Џон (што ја користат астрономите од Јапонија, Германија и САД) на посетителите им овозможува да го видат Големиот Магеланов облак, неправилна галаксија која е видлива единствено од јужната хемисфера.



6. Националниот парк Џаспер (Канада)


Патиштата до Националниот парк во Алберта водат низ шума од оморика и бор и нудат поглед на канадските Карпести Планини. Ноќе погледот е уште поубав и подобар.

Секоја година наесен овде се одржува Фестивалот на ноќното небо, во чии рамки можете да го набљудувате прекрасното небо. И напролет, исто така, е фантастично време за уживање во небесните феномени во овој национален парк. Доколку повеќе сакате авантури, можете и да кампувате на повеќе од 100 места и на тој начин да уживате во ѕвездите.  


Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура