X
 29.07.2019 Живот

Најдобро чуваната тајна на Швајцарија - селце каде не постојат автомобили

Сакате да уживате во недопрена природа, спектакуларни пејзажи, мир и тишина, но и во одлично швајцарско сирење? Тогаш Гимевалд е идеално место за вас. Селото се издигнува на 1367 метри над долината Лаутербрунен, помеѓу планините Шилтрон и Јунфрау.

До ова место што се наоѓа во кантонот Берн не може да се стигне со моторно превозно средство поради неговата географска положба. Поради недостаток на патишта до Гимевалд се стигнува со жичарница, а постои и екстремна пешачка патека опремена со челични скали што го поврзува со соседното село Мурен.


Недостатокот на традиционалниот сообраќај не ги загрижува стотината жители кои постојано живеат таму. Тие се навикнати на бавното темпо, како и на реченицата што патниците ја изговараат кога ќе го посетат местото: „Не верувам дека постои нешто слично“.


Жителите на Гимевалд се занимаваат со земјоделство, сточарство и туризам, а во секој дом може да се купи сирење што се прави од домашно млеко. Старите луѓе велат дека во селото има повеќе крави отколку поштенски сандачиња.

Довербата и заедништвото што владее во ова село е толку моќно што жителите ќе ви дозволат да влезете во нивниот дом без да тропнете, да си изберете и да земете сирење по желба, а потоа да оставите пари. Тие се уверени дека знаете да почитувате и дека нема да ги измамите.

За ова село често се вели дека е најдобро чуваната тајна на Швајцарија. Тоа е едно од ретките преостанати места во оваа европска земја во која се живее без стрес, онака како што живееле нивните прадедовци и прабаби.

Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот