X
 30.01.2022 Живот

Географија на чајот

Јас сум еден од многуте консументи што го започнуваат денот со шолја топол чај. Чајот е популарна напивка во која уживаме особено во студените зимски денови. Чајот, какаото и кафето се социјални напивки. Ќе се согласите со мене дека пиењето чај е совршен миг за одмор и уживање во друштво со најблиските. Придобивките од пиењето чај се огромни, но тоа е посебна тема за здравственото значење на чајот. Во овој краток осврт би сакал да се задржам на географската распространетост, значењето, производството и настанувањето на овој пијалак.

Состав и значење во различни култури

Општо е познато дека чајот содржи многу помалку кофеин од кафето, но не е сеедно во кои количини го консумираме. Колку е пократка ферментацијата, толку е поздрав чајот. Според медицински истражувања, најздрави се белите и зелените чаеви. Веднаш по водата, чајот е вториот најкористен пијалак во светски рамки. Културата на пиењето чај и традицијата се разликуваат од една до друга држава. Во многу држави чајот има различно симболично значење. Заедничко за сите држави е тоа дека нудењето на чајот е пријателски гест кој означува почит и гостопримство.



Легенди за настанувањето

Археолошките докази упатуваат на тоа дека чајот е култивиран пред 6.000 години, 1500 години пред изградбата на големите пирамиди во Гиза. Чајот уште пред 1500 година преминал од храна во пијалак кога луѓето откриле дека во комбинација со топлина и влага може да се создаде различен вкус од неговите листови.

Постојат повеќе легенди како настанал чајот, но авторот на овој текст се одлучи да издвои две легенди кои се најчесто споменувани во литературата.
Според една кинеска легенда, тоа било кога владетелот Шенунг во околу 2737 година пр.н.е., пиел врела вода, а ветерот оддувал неколку листови од блиското дрво кои паднале во неговата чаша, па течноста почнала да менува боја и имала убава арома. Љубопитниот владетел пробал од новонастанатиот пијалак и се изненадил од пријатниот вкус.

Индиската легенда за откривањето на чајот вели дека кралот Будхидар скитал и медитирајќи ја барал вистината. Се зарекол дека седум години нема да спие. Во петтата година го совладал сонот. Случајно откинал листови од грмушка и почнал да ги џвака, така тоа целосно го одржувало буден. Оттогаш постојано ги џвакал тие листови и без проблем останал буден до крајот на седмата година.

Светско производство на чај

Светското производство на чaј изнесува околу 2,9 милиона тони. Најголем производител на чај е Кина со 2.400.000 тони. На второ место е Индија со околу 900.000 тони. Третиот светски производител на чај е Кенија со 305.000 тони, четвртото место ѝ припаѓа на Шри Ланка со 300.000 тони. Други големи светски производители се Виетнам, Турција, Индонезија, Мјанмар, Иран, Бангладеш, Аргентина и други.
Најголеми увозници на чај се Русија, САД, Обединетото Кралство, Иран, Пакистан, Обединетите Емирати, Египет, Германија и Саудиска Арабија. Најголеми потрошувачи на чај по глава на жител се Турција, Ирска и Велика Британија.



Ширењето на чајот

Чајот има важна улога во азиските култури и тоа во текот на вековите како главен пијалак, лек и статусен симбол. Европските народи првпат се среќаваат со овој пијалак во 1285 година благодарение на познатиот морепловец и трговец Марко Поло. Првиот чај во Западна Европа се пиел во Холандија (1606 година), а потоа и во Португалија, Велика Британија и Франција. Подоцна Британците го одгледувале чајот во нивните колонии.

Каде расте чајнaта билка?

Зимзелената чајна билка (лат. Camelia sinensis) е главно екваторско растение кое успева на географска широчина помеѓу 15° и 30° сгш. Во близина на екваторот има мала разлика помеѓу летото, есента и пролетта, што прави подобри услови за одгледување на земјоделски култури во текот на целата година. Културата чај расте на температури на воздухот помеѓу 21° C и 35° C и е во мирување кога ноќните температури паѓаат под 10°-12°. Добро распоредените врнежи во текот на сезоната на растење се исто така важни, тие треба да бидат над 1200 мм годишно.

Големо влијание врз вкусот на чајот има надморската височина. Поголемите надморски височини имаат пониски нивоа на атмосферски кислород, што му овозможува на растението да расте подолго и го подобрува вкусот. На пример, успешни култури на чај се одгледуваат и во Асам, Индија, на само 90 метри надморска височина. Висококвалитетните видови, сепак, бараат поголема надморска височина - на пример, чајното дрво во индискиот Дарџилинг се одгледува на надморска височина од 1.500 до 2.100 метри.



Приготвување и консумирање на чајот

Во некои земји чајот се пие на необичен начин за нашето традиционално поимање. Во Индија чајот се пие и со млеко, при што се додаваат и различни зачини како ѓумбир, цимет или каранфилче. Во Тибет додаваат млеко, сол и масло. Во Монголија се вари со ориз, месо, кнедли и стопена овча маст, додека пак во Русија се додава мед, овошно слатко, шеќер и др. Во Шри Ланка преферираат ароматизиран чај. Обично изборот е меѓу вкусовите на чоколадо, манго, вишна, малинка или јагода.

Автор: професор Дарко Оносимоски
Подготвил: Дарко Оносимоски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот