X
 30.05.2020 Живот

„Зомби-пожарите“ се враќаат на Арктикот

Заспаните зомби пожари низ Арктикот - останки од рекордните пожари од минатата година - можеби се враќаат во живот по невообичаено топлата и сува пролет, предупредуваат научниците.

- Видовме сателитски опсервации од активни пожари кои посочуваат дека „зомби“ пожарите можеби повторно се активирале - истакна Марк Парингтон, научник од Службата на ЕУ за следење на атмосферата „Коперникус“.

Жариштата, кои сѐ уште треба да се потврдат со мерења на тло, се концентрирани во области кои гореа минатото лето. 2019 година беше одбележана од пожари од невиден степен и траење ширум големи делови од Сибир и Алјаска.

Се проценува дека во јуни пожарите испуштиле 50 милиони тони јаглероден диоксид во атмосферата, што е еднакво на годишните емисии на Шведска.

- Може да видиме кумулативен ефект од минатогодишната сезона на пожари на Арктикот, што ќе има ефект на сезоната што следува и може да доведе до нови големи и долготрајни пожари во истиот регион - истакна Парингтон.

Ризикот од шумски пожари се зголемува со топлото време и ниската влажност, а во Европа особено во март и април годинава беа забележани рекордни температури.

- Имаше огромно затоплување на Арктикот, кое би довело до сушење, што ќе ги направи почвите тресетни и спремни за горење. Зомби-пожар е пожар кој продолжува да гори под земја и потоа пак се пали на површината по одреден период - истакна Мајк Вадингтон од Универзитетот „Мекмастер“ од Канада.

Жарот длабоко во органските почви како што се тресетните земјишта може да се запали по неколку недели, месеци, па дури и години. Научниците кои ја набљудуваат Алјаска виделе сличен феномен.

- Луѓето кои се справуваат со пожарите забележаа зачестени појави таму каде што пожарите го преживуваат студот и влажните зимски месеци со тлеење и повторно се појавиле следната пролет - известија од Конзорциумот за проучување на пожари на Алјаска, во кој се вклучени четири универзитети и истражувачки институти.

Од 2005 година научниците на Алјаска идентификувале 39 такви пожари.

Спојувајќи ги тие опсервации со сателитски податоци, тие утврдиле дека повеќето од пожарите биле премали - зафаќале помалку од 11 хектари, а во повеќето случаи помалку од еден - за да бидат детектирани. Но, седум од нив можеле да се видат од вселената.

Минатогодишните масивни пожари беа распламтени од рекордните жештини. Делови од Сибир и Алјаска со недели беа до 10 степени Целзиусови потопли од нормалното. Високите температури на Гренланд го забрзаа топењето на ледот, што резултираше со нето загуба на 600 милијарди тони мраз таа година - што е одговорно за околу 40 отсто од вкупното покачување на нивото на морето во 2019 година.

Извор и насловна фотографија: Science Alert
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот