X
 30.05.2021 Наша тема

На само 40 километри од Скопје: Лебдење на висечките мостови на Вардар и Пчиња, магија на природата

Кожле е всушност село кое е дел од Општина Петровец, на околу 40 километри од градот Скопје. Турата е идеална за секој што е подготвен малку да пропешачи, да се дистанцира од градот за брзо... Нам ни беа потребни два часа активно пешачење. Паузи правевме често за да ја апсорбираме максимално природата

Фабулозните висечки мостови над Вардар и над Пчиња, во непосредна близина на селото Кожле, станаа атрактивна викенд-дестинација. Тесните и слабо маркирани патеки сè почесто се газат од љубопитни посетители, желни да го почувствуваат адреналинот што го нудат климавите мостови. Решивме и ние да го искусиме секој миг што го нуди разбудената природа на Кожле, локација која е и блиска, и лесна, и чудесна.





На четириесетина километри од Скопје

Кожле e всушност село кое е дел од Општина Петровец, на околу 40 километри од градот Скопје. Се наоѓа во областа Блатија, на десниот брег на реката Пчиња. До селото се стигнува по автопатот Скопје - Велес. Пред селото Катланово се врти десно, по асфалтиран пат кој поминува низ селото Блаце.
Нашата посета беше непланирана. Водени од идејата да ги видиме мостовите кои до некој мера станаа вирални, напишавме Кожле на „Гугл мапс“ и избравме патека која нè исклучи од автопатот пред патарината, со цел да возиме по нова, малку подолга маршрута. Се вози по автобуската маршрута на 69-ка. Дотука се вози по широк, регионален пат. Оттука започнува потесен асфалтиран пат, на места оштетен, се поминува селото Блаце и за дваесетина минути се стигнува во Кожле. Кога стигнавме во селото, продолживме само право, а патот нè одведе до селската чешма која нуди изворска вода. Тука се паркиравме.





Искачувањето почна по едно тесно патче и десно продолживме кон широката панорама која се вишнее над Вардар.
Оттука по планинарска патека, овде-онде маркирана, лесно се движиме кон замислената дестинација. Иако не знаевме кон кој мост точно целиме. Првата планинска крстосница ни понуди да одбираме да се спуштиме во манастирот или да продолжиме по планинската маркација. Ја избравме втората.







Маркирана планинарска патека

Оживеаната природа ни ги нахрани очите и ноздрите. Кратките наизменични спуштања и качувања ни ги размрдаа мускулите. Тесната патека ја газевме внимателно и им го нарушувавме раатот на гуштерите. По кратката шумска патека се отвори панорама над Пчиња и над автопатот Скопје - Велес. Патеката во овој дел паралелно се движи со автопатот и Пчиња и откако ќе се помине ситниот сипар, остануваат уште дваесетина минути протнување низ грмушкав предел. Од лева страна се одминува и една штала со крави и една пространа ливада на која се напасува стадото. И тука е почетокот на најзнаменитиот дел. Се излегува на една зелена полјана, чиста и свежа. Слободната територија силно ја буди имагинацијата. Идеална за пикник, за трчање, летање змеј, фудбал, бркање пеперутки... сè што ве освежува и раздвижува.
Не избравме пикник под ведрата синевина со поглед над бетонскиот мост на автопатот, и околните планини.







Се стигнува до вливот на Пчиња во Вардар

Погледот овде веднаш е во потрага да го лоцира едниот од мостовите. Лесно се наоѓа. Со трк се упативме кон нашата замислена точка.
Дрвени греди. Поправени, недоправени, нагризани, напукнати, споени во едно восхитувачко здание. Автентичноста блика од сите пори на овој мост. Со нетрпение го залулавме. Само тројца, како што е дозволено. За повеќе луѓе и скокање, не е гарантирана безбедност. Вардар шумно ни буи под нозе. Со дрвјата, птиците, се компонира една милозвучна симфонија. Една минута да поќутиш, можеш да потонеш во тотален мир. Од другата страна на мостот се имоти на луѓе, бавчи, ниви, ливади... И пруга. На која начекавме да прелета воз.







Се вративме преку мостот. И продолживме десно да видиме каде Пчиња се влива во Вардар. На пет минути, по патека по која помина и џип, го маркиравме местото. Кога веќе стигнавме тука, најголема награда и бонус беше токму оваа глетка. Спој на две силни реки, спој на две води.
Оттука има патека покрај Пчиња да се стигне до манастирот „Света Богородица“ и вториот мост од турата, висечкиот мост над Пчиња. А, секако, може да се избере и втората опција, да се вратите назад по истиот пат и да скршнете на патоказот кој ве води кон манастирот. И двете опции се супер и носат убавина со себе.







Фотографска тура од два часа

Нашата крајната цел на оваа мала авантура беше токму висечкиот мост над Пчиња. Веќе имавме ориентација и навигација и лесно стигнавме. Овој мост е подолг, повисок, пофреквентен, подостапен, повеќе раскажуван... Некои го нарекуваат Стојанов мост. Има поостар поглед надолу, побујна вегетација наоколу. А и Пчиња од повисоко се гледа. Овде се чека ред за да поминеш. Максимум тројца луѓе се дозволени на мостот. А се чека и ред за фотографирање.







До него се стигнува и од автопатот, на околу десетина километри од Катланово ќе наидете на одморалиште. Доколку паркирате, по стрмните скали можете да се спуштете до мостот.
И откако ќе го прегазите мостот, веднаш сте до конаците на манастирот „Света Богородица“,  каде што домаќините Стојан и Светлана ве пречекуваат со домашна пита и кисело млеко. А секако и други намирници што таму ги произведуваат. Има и пиво, вода, неколку маси да се раскомотиш и да здивнеш. Дворот е полн со љубезност и гости.
Целата тура предизвикува позитивно љубопитство. Ве носи кон среќен делириум. Напојува со Д-витамин и позитивна енергија. Прекрасна е за викенд-размрдување.





Турата е идеална за секој што е подготвен малку да пропешачи, да се дистанцира од градот за брзо. Нам ни беа потребни два часа пешачење. Бавно се движевме, тивко уживавме.

Фото: Сања Јачевска
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема