X
 30.05.2025 Наука

На кинеската вселенска станица откриена непозната бактерија

На кинеската вселенска станица „Тјангун“ е откриена непозната бактерија каква што никогаш досега не е забележана на Земјата. Ова неверојатно откритие, кое звучи како сцена од научна фантастика, отвора нови прашања за животот во орбитата и микробиолошките ризици со кои се соочуваат астронаутите.

Во мај 2023 година, за време на рутинска мисија на екипажот од „Шенџоу-15“, примероци земени од еден од модулите за живеење на станицата „Тјангун“ откриле присуство на бактерија досега непозната на Земјата. Новиот вид е наречен „Niallia tiangongensis“, според станицата на која се појавила, и ги фасцинира научниците поради своите уникатни карактеристики и способноста да се приспособи на вселенската средина.

Според истражувањето спроведено во рамките на програмата за микробиом на кинеската вселенска станица, микробиомот на „Тјангун“ се разликува значително од оној на Меѓународната вселенска станица. Научниците откриле доминација на микроби поврзани со човечкото тело, но и голема функционална и генетска разновидност, со мутации кои веројатно се резултат на адаптацијата на екстремни услови како микрогравитација, радијација, изолираност и постојано одржување на стерилност.

„Niallia tiangongensis“ е сродна со „Niallia circulans“, бактерија од почвата позната по својата издржливост и претходно класифицирана како патогена. Како и нејзините „роднини“, и оваа бактерија формира спори таканаречени „капсули за преживување“ во услови на стрес. Но, она што ја издвојува е нејзината способност да разградува желатин и од него да добива азот и јаглерод кои се важни елементи за создавање заштитен биофилм и за преживување во вселената.

Интересно е што истовремено таа изгледа дека ја изгубила можноста да користи други извори на енергија, што е доказ за неверојатната флексибилност на живите организми во нови средини. Оваа способност за брза адаптација го потсетува човештвото дека вселената е природна лабораторија за еволуција на микроорганизми.

Иако досега не е утврдено дали „Niallia tiangongensis“ претставува директна закана за здравјето на астронаутите, нејзината сличност со бактерии кои можат да предизвикаат сериозни инфекции кај луѓе со ослабен имунитет бара претпазливост. Особено загрижува фактот што во станицата е забележано зголемено мутирање и отпорност на антибиотици, што може да ја отежне контролата врз евентуална контаминација.

Научниците потенцираат дека е клучно да се разбере како овие микроорганизми се населуваат, еволуираат и комуницираат со луѓето и опремата во затворен простор. Ризикот не е само здравствен, туку контролираното размножување на микроби може да ги оштети чувствителните уреди или да го загрози целиот тек на мисијата.

Извор: Farmingdale.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука