Граѓанските иницијативи Скопје смог аларм, О2 Иницијатива, AirCare – МојВоздух и Не биди ѓубре во отворено писмо до претседателот Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев побараа активирање на припадници на армијата и полицијата со цел да се заштити правото на граѓаните на здрава животна средина.
- Секојдневно сме сведоци на запалени депонии, палење оган на отворено и шумски пожари кои го загрозуваат здравјето и физичкиот интегритет на граѓаните - стои во писмото.
Затоа активистите бараат припадници на армијата и полицијата - во координација со сите капацитети на Дирекцијата за заштита и спасување, регионалните центри за управување со кризи, општинските штабови за заштита и спасување, Државниот инспекторат за животна средина, Државниот комунален инспекторат, Инспекторатот на Град Скопје и инспекторатите на општините - активно да се вклучат во следните активности:
• Да се организираат секојдневни патроли на припадници на армијата и полицијата на терен со цел да се превенира и санкционира палење огнови на отворено, пред сè, палење отпад и диви депонии;
• Да се организираат ноќни дежурства на припадници на армијата и полицијата со помош на припадници на ДЗС и РЦУК и општинските штабови за ЗиС на критични точки во Градот Скопје и низ Републиката, кои се најфреквентни места за палење огнови на отворено;
• Да се едуцираат граѓаните на терен за штетните последици од палењето огнови и отпад на отворено, од здравствен аспект;
• Да се организираат редовни патроли на припадници на армијата во национални паркови и планински предели кои се најфреквентни и најподложни на пожар.