X
 04.09.2019 Образование

Отворено писмо на инспекторот Илиевски до премиерот Зоран Заев

Иако целосно сте запознаени (целокупната документација е кај вас) со скандалите и унапредувањата во наставно-научни звања на Ваши (коaлициони партнери) високи јавни владини функционери на кои работните места им биле во мирување додека извршувале и извршуваат јавни односно државни функции, како што се актуелниот министер за образование и наука м-р Арбер Адеми од асистент во наставно-научно звање доцент, заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нухиу од доцент во вонреден професор и директорот на Државниот завод за индустриска сопственост, Сафет Емрули, унапреден од асистент во доцент и вонреден професор на Правниот факултет при универзитетот во Тетово.

Имено, само да Ве потсетам, премиеру Зоран Заев, мирувањата на министерот за образование и наука и на заменик-министерот за внатрешни работи, кои се унапредени од асистент магистер во наставно-научно звање доцент и од доцент во вонреден професор, се во период од 04.04.2016 година, во период кога му мирува работниот однос, согласно член 151 од Законот за работни односи. Додека унапредувањата во повисоки наставно-научни звања се во период од 2016 и 2017 година согласно Законот за високо образование кој важел во тој период.
И покрај мирувањата, тие склучувале договори за интелектуални услуги со надоместок, кој е спротивен на тогашниот Закон за високо образование, што претставува злоупотреба на службената положба на овие функционери.

Ова, премиере, е службена злоупотреба и паричните средства треба да му се вратат на универзитетот бидејќи тоа се пари на студентите. Иако се запознати и други надлежни институции, досега не се преземени конкретни чекори. Институциите бавно ни функционираат. Тие велат „истражуваме“. Небаре бараат нафта во Македонија.

Па, затоа се запознаени и странските амбасади во нашава држава, како и средствата за јавно информирање. Во овие септемвриски денови ќе имам и други средби со други амбасади кои се закажани. За сѐ отворено ќе им се каже од моја страна за Вашата непосредна инволвираност.

Доказ ќе биде Вашата СМС-порака, која ми ја испративте (на 12.06.2019 г.) кога Ве запознав за незаконскиот вонреден инспекциски надзор и одговорноста на директорот на Државниот просветен инспекторат, Томе Спироски, и инспекторите, кои по налог на министерот го извршиле и констатирале дека нема законски пропуст. Вие, премиере, ми одговоривте (цитирам): „Видов детаљно за што се работи. Сегашниот Закон за високо образование тоа прецизно го регулира. И унапредувањето во звање може да се случи и додека некој е на политичка функција. Не гледам никакво прекршување или, пак, некоја штета за тоа некој додека бил на функција ако напредувал на факултетот каде што е трајно вработен. Најчесто напредувањето е определено со години на работа и го следува на секој“, завршен цитат. На тоа во истиот момент Ви одговорив дека:
„Унапредувањето во повисоко наставно звање е направено во 2016 година. Кога му мирува работниот однос согласно член 151 од Законот за работни односи и член 135 став 3 од Законот за високо образование од 2016 година. Новиот Закон за високо образование е од 08.05.2018 година.“

Премиере, не ви забележувам, Вие не сте правен експерт, иако ја водевте Комисијата за правосудски реформи, но им забележувам на Вашите советници од областа образование и Вашите „правни експерти“, Ве „лажат“ или немаат елементарно познавање од законите што треба да се почитуваат. Трајно вработување за асистенти, доценти и вонредни професори нема, туку само за редовни професори. Тоа го знае министерот за правда, па и министерот за образование и заменикот за внатрешни работи, како и министерот за внатрешни работи кој треба по завршувањето на неговиот мандат да магистрира на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.
Исто така, овие министри правници знаат дека ваквото унапредување е противуставно (нека прочитаат член 52 став 4 од Уставот): „Законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога е поволно за граѓаните“.

Ова, премиере, го знаат студентите од прва година на правните факултети, а не министри или „експерти“ како Вашите советници.
Премиере, кога веќе сме кај новиот Закон за високо образование, донесен на 08.05.2019 година, во период кога министер беше Рената Десковска, само да знаете дека овој закон не само што не е развоен, туку е полош од претходниот и второ да знаете дека донесените членови од законот, и тоа член 174 став 8 и 9, каде што при мирување на работниот однос лицето избрано во наставно-научно, наставно-стручно, наставно или соработничко звање, има право да врши високообразовна дејност на прв циклус студии без финансиски надомест, како и став 9 од истиот закон кој предвидува лицето избрано во наставно-научно, наставно-стручно, или наставно, има право да држи предавања и да биде ментор на втор и трет циклус на студии, како и да врши други активности од високообразовната дејност. Овој член и овие ставови, како и членот 176 од новиот Закон за високо образование, став 3, последната реченица цитирам : „На барање на лицето, рокот не мора да се продолжи“. Премиере, донесените вакви членови и ставови се политички лични на министерот Рената Дескоска, професор на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ - Скопје. Ова го забележаа и странските експерти со кои разговарав и велат дека вакво нешто нема европска пракса. Ставовите велат дека се политички.

Го поставуваат прашањето: Дали именуваните јавни функционери министри, пратеници, директори професионално ќе ги вршат своите законски активности или ќе им претставува хоби. Вака поставено велат дека е хоби. Тоа е нонсенс и непознато во европските практики.
Ова, премиеру Заев, е скандал, странските експерти се чудат. Јас ќе додадам дека не само што е скандал, туку е противуставен, видите или нека видат вашите правни експерти каква е организацијата и начинот на работа на Владата уредена со Закон, каде што „министерот самостојно раководи со министерството за кое е избран, го следи и е одговорен за спроведување на законите и другите прописи“, понатака член 89 од Уставот:
„Функцијата претседател на Влада и министер е неспојлива со вршење други јавни функции или професии“. Ова ќе биде и повод да поднесам иницијатива до Уставниот суд за неуставноста на новиот Закон за високо образование и неговата примена и злоупотреба. Како и целосно запознавање на странските амбасади, кои се закажани за септември.

Премиере Зоран Заев, формиравте во Владата оперативен тим за борба против криминалот и корупцијата со кој ќе раководи министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, има и други, меѓу кои и заменик-министерот Агим Нухиу. (Значи признавате дека не ни функционираат институциите во нашава држава). Каква смешка - „Волкот ќе чува овци“. Ова е демагогија. Во формирана работна група за реализација на ветингот во МВР под раководство на министерот Оливер Спасовски ќе треба да раководи деканот на Факултетот за безбедност, вонреден професор Никола Дујовски. Само да Ве известам, премиере, изборот на доцент Никола Дујовски во вонреден професор е незаконит. Го повикувам ректорот на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ од Битола, Сашо Коруновски, да се произнесе за неговиот избор за вонреден професор, како и за професорот д-р Наташа Пеливанова, продекан за настава на Факултетот за безбедност - Скопје, која воедно е и заменик-градоначалник на Општина Карпош во Скопје. Дали има судир на интереси? Сега толку, очекувам да се јават правните експерти, како и уставните експерти.

На крај, премиере, во правна држава веднаш им се бара да сносат одговорност и да поднесат неотповикливи оставки од своите функции и да извршат повраток на парични средства, пари кои се на студентите. Каде е моралната – етичката одговорност, каква порака му испраќате на ова наше општество. Вака во Европа...?!

За овие скандалозни состојби се запознаени и дел од странските институции, а воедно со ова јавно писмо ќе бидат повторно запознаени и канцеларијата на Европската Унија во Скопје, германската и холандската амбасада, како и други амбасади, посебно германската, американката, данската и други. Ќе завршам, односно ќе го парафразирам францускиот амбасадор во нашава држава Кристијан Тимоние: „...да се посветиме на законитоста и да профункционира правната држава за сите еднакво, борба против корупцијата, а со самото тоа ќе дојде и она што е стремеж на вашата држава...“.
Сѐ во интерес на мојата држава што побрзо да се интегрира во европското семејство.


Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование