X
 30.11.2022 Живот

Во Париз се одржува меѓународна конференција за македонистика

Во Париз, на Националниот институт за ориентални јазици и култури, денеска се одржува меѓународна конференција за македонистиката, како ретка научна дисциплина, соопштија од Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Оваа конференција, посочуваат, следува по неколку месеци од одлуката за прифаќање на иницијативата за вклучување на македонистиката во француско-германскиот проект што има цел да ги мапира ретките дисциплини во Франција и во Германија, со што македонистиката доби статус со кој е гарантирана нејзината заштита и зачувување, но и нејзината самостојност на ИНАЛКО и во Франција.

Организацијата и учеството на оваа конференција е поздравено од Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ). Во обраќањето од името на МСМЈЛК при УКИМ, директорката, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, навраќајќи се кон забележаното од Блаже Конески, потсетила дека Париз бил значаен образовно-научен центар за македонистиката уште во периодот меѓу двете светски војни.

- Таму, во Институтот за словенски студии работеле професорите Андре Мазон и Андре Вајан, кои во периодот меѓу двете светски војни имаат објавено капитални дела за македонските дијалекти. Имено и двајцата биле на Солунскиот фронт за време на Првата светска војна и таму се запознаваат со говорите во Леринско и во Костурско (денес во Северна Грција, некогаш во популарната Егејска Македонија). Оттука е нивниот интерес за македонистиката и сознанието дека македонските дијалекти треба да се проучуваат и обработуваат како посебна група - потсетила Мојсова-Чепишевска.

Потоа, како што напоменала и директорката на МСМЈЛК при УКИМ, во Париз, ИНАЛКО стана центар на странската македонистика, а Лекторатот во Париз е отворен во академската 1973/74 година и догодина ќе прослави половина век постоење.

- Денес, во Париз, македонскиот јазик се изучува како главен предмет и македонистиката може да се изучува и се изучува во рамките на сите циклуси академски студии – од лиценца до докторат. Впрочем, како што потсети Мојсова-Чепишевска, на ИНАЛКО е и првата професорска катедра за македонистика надвор од нашата земја - се наведува во соопштението.

Имено, во изминатите години се постигнати значајни резултати во зајакнувањето и афирмацијата на македонистиката во Франција, и тоа токму на реномираниот ИНАЛКО и благодарение на упорноста и професионалноста на проф. д-р Фроса Пејовска-Бушро.

- Се создаваат и нови перспективи за изучувањето на македонскиот јазик, литература и култура, преку вклучувањето на македонистиката меѓу ретките научни дисциплини во Франција. А оваа меѓународна конференција е и прва од повеќето планирани и во рамките на тој проект - посочила Мојсова-Чепишевска.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот