X
 04.12.2015 Образование

Интервју со проф. д-р Ана Фрицханд: "Градам релација со студентите која се заснова врз меѓусебна доверба и почит"


Ана Фрицханд: "Се обидувам да изградам релација со студентите која ќе се заснова врз меѓусебна доверба и почит, а не врз страв и недопирлив авторитет"
 

Професорката Ана Фрицханд предава на Институтот за психологија на Филозофскиот факултет. Таа е шеста на листата десетмина најдобри универзитетски професори во Македонија, според резултатите од анкетата која неодамна ја спроведе „Факултети.мк".

За релациите со студентите, за предавањата, за тоа дали имаме квалитетни студенти-идни психолози, Фрицханд зборува во ова интервју за нашиот портал.

Професорке, вие сте една од десетмината најдобри професори во Македонија. Редовни ли се студентите на вашите предавања?

Со големо задоволство можам да потврдам дека на моите предавања студентите се мошне редовни. Но, би сакала да нагласам дека тие се редовни и на предавањата кај другите колеги од Институтот за психологија, меѓу другото поради фактот што на овој институт сите студенти имаат статус на редовни студенти уште при запишувањето на студиите. Чест ми е што сум имала и имам можност да предавам и на студенти од другите институти при Филозофскиот факултет, кои исто така редовно ја посетуваат наставата на моите предмети. Сепак, досегашното искуство ми покажува дека за редовноста многу поважна е внатрешната мотивација на студентите да доаѓаат на предавања. Таа е присутна кај голем дел од нив и се забележува според вниманието со кое ја следат наставата, сложеноста и осмисленоста на прашањата што ги поставуваат и, секако, знаењето што го покажуваат на колоквиумите и на испитите. Кога се работи конкретно за моите предмети, проодноста уште на првиот колоквиум најчесто изнесува две третини од вкупниот број на студенти кои го запишале соодветниот семестар. Веќе во првиот испитен рок околу осумдесет проценти од нив успешно ги завршуваат обврските поврзани со предметите што ги слушале кај мене. Со оглед на тоа што предавам прилично сложена материја ваквата проодност претставува голем успех, затоа што зборува токму во прилог на редовноста на студентите на наставата, нивниот внимателен и темелен приод кон совладувањето на содржините и, како што нагласив претходно, нивната мотивираност и љубов кон професијата што ја одбрале.

Има ли дебата на предавањата, со оглед на тоа дека предавате многу интересни предмети од областа на психологијата?

Предметите што јас ги држам се од областа на Развојната психологија и Психологијата на мирот. Станува збор за Психологија на детството и на адолесценцијата, Психологија на возрасните и на стареењето, Морален развој и Трансформација на конфликти. Содржините од овие предмети се многу комплексни, но во исто време и многу интересни. Поконкретно, на предметите од областа на Развојната психологија зборуваме за развојот на поединецот во текот на целиот животен циклус. Секој возрасен период изобилува со многу детали, специфичности и развојни предизвици, што неизбежно бара од оној кој го следи и проучува развојот систематичен и холистички приод, познавање на развојните процеси и законитости, познавање на универзалните развојни карактеристики кои важат за сите луѓе, но и способност да се препознаат и разберат дистинктивните карактеристики на секој поединец. Сето тоа пред студентите поставува високи барања во поглед на континуирано следење на содржините, поврзување на сознанијата од други области на психологијата со новите сознанија што ги добиваат на овие предмети, како и способност за критичко мислење и за поставување на истражувачки прашања. Оттука, дискусиите и дебатите на часовите се чести и многубројни, креативни, длабоки и неретко долготрајни. Ова, на пример, е многу застапено на предметот Морален развој, кој има статус на изборен предмет и секоја академска година побудува голем интерес кај студентите. Во таа смисла, темите како што се , на пример, развој на моралното мислење, на моралниот идентитет или на моралниот карактер, се секогаш проследени со многу прашања, со интензивни дискусии во кои се соочуваат различни мислења и аргументи и во кои се бараат одговори на морални дилеми кои се реално присутни во секојдневниот живот, во кои се споделуваат размислувања за тоа како најдобро може да се стимулира развојот на овие домени уште од најрана возраст со цел да се превенираат многу несакани поведенија и процеси што би можеле да се појават кај поединецот подоцна во животот.

Која е вашата оценка, имаме ли квалитетни и успешни студенти, идни психолози?

На ова прашање ќе Ви одговорам со полно срце и без лажна скромност. Да, имаме навистина квалитетни и успешни студенти и идни психолози. Докази за тоа има многу. Овде ќе издвојам само неколку. Најнапред, секоја академска година на Институтот за психологија, кој постои веќе четириесет години, се запишуваат најдобрите ученици во генерацијата, кои средното образование го завршиле со одличен успех, многу од нив биле првенци на генерацијата и носители на стипендии и награди. Уште од основањето на Институтот, интересот за студиите по психологија е огромен. Тоа се забележува од бројот на кандидатите кои секоја година аплицираат за прием на овој институт во текот на уписите на Филозофскиот факултет во Скопје. Вториот доказ е проодноста и успехот на студентите кои дипломираат и магистрираат на Институтот за психологија, имајќи ги предвид принципиелноста, професионалноста и исклучително високите критериуми за квалитетот на знаење што се поставени и се почитуваат од страна на наставниците на овој институт, почнувајќи од неговото формирање, до денес. Понатаму, тука е и оригиналноста на дел од дипломските трудови, на магистерските и на докторските дисертации, успехот на колегите-психолози во нивната практична работа, како и нивното континуирано вложување во сопственото знаење, преку учество во бројни и разновидни обуки, семинари и слично. Со гордост можам да истакнам дека нашите студенти се секогаш прифатени и позитивно оценети ширум универзитетите во Европа и светот. Речиси и да не познавам студент на психологија (откако сум вработена на Филозофскиот факултет) кој аплицирал за мастер или за докторски студии на кој било универзитет надвор од границите на државата, а да не бил прифатен и да не постигнал високи резултати. Тоа воопшто не ме изненадува, бидејќи тоа се студенти кои своето образование на додипломско ниво го стекнале на најстарата и најреномираната високообразовна институција во државата, Филозофскиот факултет во Скопје, кој постои цели деведесет и пет години и каде со високо образование се стекнале едни од најзвучните имиња во нашата наука и општество. Да резимирам, станува збор за млади луѓе кои знаат што сакаат од животот, имаат јасна цел што се стремат да ја достигнат, го имаат знаењето што им е потребно за да успеат во нејзиното реализирање и поседуваат карактеристики кои ќе им помогнат да го остварат својот сон. Можам на крајот од овој дел само да додадам – огромен е предизвикот, но и задоволството да застанете пред полн амфитеатар, пред тие млади луѓе и пред нивните погледи што зрачат со ментална сила и љубопитност и да држите предавања.

Дали разговарате со нив за теми и прашања кои не се поврзани со наставата? Сметате ли дека еден професор треба да гради пријателски однос со студентите?

Јас сум речиси секогаш достапна за разговор со студентите и на теми кои не се поврзани со наставата, за време на термините за консултации, но и надвор од нив доколку се јави потреба од тоа. Мораме да имаме предвид дека наставниците на Институтот се и психолози, освен што се професори. Оттука, сметам дека треба да ги сослушаме студентите доколку ни се обратат, дури и кога разговорот не би бил директно поврзан со наставниот процес. Од моето досегашно искуство, во најголем број од случаите и самиот разговор е доволен за да се расветлат и/или разјаснат одредени дилеми и нејаснотии со кои студентот се соочува. Се разбира, немаме можности да дејствуваме како психотерапевти, бидејќи тоа е сложен и долготраен процес кој ги надминува границите на Универзитетот, но некогаш најголемата помош се состои токму во тоа да се ислуша или да се упати понатаму кај некој од колегите практичари кој најсоодветно би можел да помогне. Мое длабоко убедување е дека во односот со студентите професорот треба да биде коректен, доследен, правичен, непристрасен, објективен и позитивен. Треба да биде позитивен модел. Тоа е нешто што јас постојано го практикувам и секогаш дава одлични резултати, бидејќи студентите се чувствуваат рамноправни, почитувани како личности, прифатени и достоинствени. Човековото достоинство, според мене, е многу важно и никогаш не треба да се потцени на каков било начин и со каква било постапка или збор. Кога влегувам на час секогаш сум насмеана. Се обидувам да изградам релација со нив која ќе се заснова врз меѓусебна доверба и почит, а не врз страв и недопирлив авторитет. Тоа ми се враќа многукратно позитивно, бидејќи тие се чувствуваат слободни на часот и да постават прашање (без да се плашат дека ќе бидат исмеани) и да дадат свое видување и да не се согласат со мене и заедно да учиме едни од други. И знаете што е најважно – никогаш, ниту еден од нив таа слобода не ја злоупотребил, не ја преминал границата на доброто однесување, не покажал дрскост и непочитување. Напротив, почитта и прафаќањето помеѓу нив се зголемуваат и стануваат поизразени. Токму во тоа е мојата најголема сатисфакција – кога ќе видам среќни лица во амфитеатарот, задоволни и побогати со знаење после секое ново предавање.  
Подготвил: Антонија Поповска-Христов antonija@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование