X
 01.01.2019 Технологија

Веќе не е прашање дали нечиј идентитет е украден, туку колку пати го украле

Темната страна на интернетот (dark web) во морето на илегалниот пазар за продажба и купување дрога, трговија со луѓе и илегална порнографија, своите врати ги отвора и за трговците со идентитет.

За кражбата на идентитет се зборува со години, но неодамна започнаа истражувања за тоа колку всушност тие трговци заработуваат и колку чини нечиј идентитет. Иако можеби многумина би помислиле дека нивните лични податоци се драгоцени, се чини дека просечниот Британец, на пример, на интернет вреди само десет фунти. Имено, британските медиуми откриваат дека пазарот на лични податоци на темната страна од интернетот забрзано се развива, а цените на податоците варираат во зависност од нивната вредност.

Цел пакет

Личните информации се продаваат за само десет фунти, додека целосен интернет-идентитет на некое лице вреди околу 820 фунти. Целиот пакет со лични податоци вклучува податоци како име, презиме, адреса, интернет лозинки, податоци од банка и други клучни информации. Аналитичарот и експерт за темната страна на интернетот, Симон Миљано, вели дека целиот пакет е клучот за интернет-измамите и предупредува дека побарувачката за таквите податоци е сѐ поголема.

- Тие информации може да се искористат за отворање кредитни сметки или картички кои потоа сајбер-криминалците можат да ги испразнат. Постои цел спектар на вреднување на овие целосни пакети, зависно од веројатноста за профитот кој би можел да се стекне со тие информации - вели тој.

Значи, не сите луѓе имаат иста „цена“. Неколку фактори се во игра и тие ја одредуваат висината на цената, како квалитетот, сигурноста и репутацијата на продавачот, но и количината на податоците и висината на кредитната способност.

Миљано составил индекс на цени на пазарниот „dark web“ кои се делат во категории како лични финансии, доказ на идентитет, онлајн-податоци за шопинг, патувања, забави, нарачување храна, социјални мрежи и електронска пошта. Просечната цена за британски пасош е 40 фунти, податоците на некое лице за пристап до „Фејсбук“ се околу четири фунти, онлајн-банкарските податоци се 167 фунти, а корисничките податоци за „Нетфликс“ се шест фунти. Најскапи се податоците од банкарските сметки и корисничките податоци за онлајн-уплати како „Пејпал“.

За десет фунти може да се купи име, презиме, адреса, професија, датум на раѓање и моминско презиме на жена од Полска која живее во Бристол. Погламурозен идентитет, на пример на Американец кој на картичката „американ експрес“ има лимит од десет илјади долари, со сите негови лични податоци, како име и презиме, лозинки, датум на раѓање, адреса, број на телефон, број на социјално осигурување, број на пинот и број на картичката, се нуди за 248 долари. Колку помалку информации се достапни за тоа лице, толку повеќе паѓа цената. На илегалниот пазар своја цена имаат и починатите. Идентитет на починато лице се продава за околу два долара.

Сајбер-хигиена

Колку пазарот е преплавен со „стока“, покажува и тоа што експертите веќе истакнуваат дека веќе не станува збор дали нечиј идентитет е украден, туку колку пати е украден. Сепак, не е сѐ толку црно. Истражувачот Андреј Барисевич вели дека во денешно време никој не е имун на кражба на податоци, но постојат начини како да се заштитиме од тоа.

- На сличен начин како што научивме да ја прифаќаме опасноста од вируси на грипови и развивме начини како да го минимализираме ризикот, така треба да се научиме на едноставна, но ефикасна пракса на сајбер-хигиена - вели тој.

Експертите препорачуваат за секој онлајн-профил да се користи различна лозинка, да не отвораме сомнителни пораки и линкови и да внимаваме кого прифаќаме во својот круг на пријатели на социјалните мрежи.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија