X
 09.11.2018 Живот

Од бегалски камп до американскиот Конгрес

Рашида Тлаиб од Мичиген и Илхан Омар од Минесота победија на изборите во САД и станаа првите жени муслиманки избрани во американскиот Конгрес. Истовремено Деб Хааланд од Њу Мексико стана првата Индијанка што ќе им се придружи на Тлаиб и Омар.

Рашида Тлаиб порача дека е горда што како муслиманка Палестинка остварила победа на изборите. Таа по победата им се заблагодари на својата мајка, на фамилијата и на сите што ја поддржале. Истакна и дека изборната трка во САД ја следеле и нејзините роднини во Палестина и дека плачеле кога дознале дека победила.

- Страста и милосрдието ми се од мајка ми. Таа секогаш е насмеана и секогаш мисли дека луѓето можат да бидат само добри, затоа никогаш не беше свесна за расистичките напади против неа. Таа многу ме инспирира - рече Тлаиб.

Омар, која во Конгресот влезе од Минесота, потекнува од Сомалија и е првата муслиманка што ќе носи марама на главата. Таа исто така радоста ја сподели со фамилијата и пријателите. Омар се потсети како на 12 години пристигнала во САД, а претходно четири години живеела во бегалски кампови.

- Минесота е прилично студена, но има луѓе со топли срца. Тие луѓе не само што се грижат за бегалците, туку ги праќаат и во Вашингтон - истакна Омар.


Од Советот за американско-исламски односи (CAIR) објавија соопштение со кое беше упатена честитка до двете муслиманки избрани да влезат во Конгресот.

- Вашата победа е порака до муслиманските деца дека можат да успеат во сè што сакаат - стои во соопштението.

Истовремено, историја испиша и Деб Хааланд, која стана првата жена од домородните Американци што влезе во Конгресот. Таа е член на племето Лагуна Пуебло.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот