X
 01.02.2020 Живот

Најбогатиот човек во светот за само 15 минути заработи 13,2 милијарди долари

Најбогатиот човек на сите времиња, основачот, извршен директор и претседател на „Амазон“, Џеф Безос, завчера заработил 13,2 милијарди долари за 15 минути.  Безос успеа да заработи огромна сума на пари благодарение на поскапувањето на акциите на неговата компанија за 12 отсто, односно 2.100 долари. Порастот на акциите е резултат на успешниот квартален извештај на компанијата, кој аналитичарите не го очекувале. Само во последните три месеци од 2019 година компанијата „Амазон“ го зголемила својот профит за 8 отсто.

Предвидувале заработка по акција од 4,11 долари, но извештајот покажал цифра од 6,47 долари. Моментално богатството на Џеф Безос се проценува на околу 130 милијарди. И неговата поранешна жена, Мекензи Безос, има причини за славење бидејќи сега се најде на 24. место на листата со најбогати луѓе во светот, со заработка од 31,1 милијарди долари.

Безос истакна дека моментално имаат повеќе од 150 милиони претплатници на „Прајм“ и додава дека „Амазон“ отскокнал од првобитната идеја: сакале да се занимаваат со онлајн-трговија, но сега се најголемата сила на облак-технологијата. „Амазон Прајм“ е еден од најголемите стриминг-сервиси за видео, а Безос наведува и дека неговиот музички стриминг-сервис привлече повеќе од 55 милиони претплатници.

Компанијата се шири глобално од ден на ден, а Безос вети дека ќе вложи милијарда долари во Индија. Но, неговата тридневна посета предизвика протести во Њу Делхи и другите градови бидејќи трговците ги обвинуваат „Амазон“ и неговиот најголем ривал од САД - „Флипкарт“ дека со своите бизниси ги „убиваат“ уличните продавници во Индија.

Според најновите податоци, компанијата на Безос има 798.000 постојано вработени низ светот, што е за 23 отсто повеќе отколку во 2018.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот