X
 01.06.2026 Наша тема

„Суштински во алпинизмот е да се соочите со себеси во клучни моменти“, вели Илија Циривири, кој заедно со Мартин Пејоски испиша историја во македонскиот алпинизам

Илија Циривири и Мартин Пејоски, првпат во историјата на македонскиот алпинизам, отидоа чекор повисоко и ја искачија прочуената насока Суперкулуар на централните Алпи, над Шамони

Илија Циривири и Мартин Пејоски неодамна остварија значаен успех во македонскиот алпинизам - успеаја да ја искачат прочуената насока Суперкулуар на централните Алпи, над Шамони. Освен одличната подготвеност, тренинзите, клучни за ова искачување се партнерството и довербата што ја имале еден во друг.

- Оваа година навршуваат 20 години алпинистичка дејност. Во тој период алпинистичките интереси еволуираа согласно алпинистичката зрелост. Искачени се над 30 првенствени насоки, многу планински врвови и авантури на карпи, во снег и мраз. Во тој период животот се менуваше и согласно тие промени и приоритетите. Како филмски продуцент и професор, понекогаш алпинизмот е на маргините во целокупното време на располагање, но со добар систем се постигнуваат предвидените цели - ни сподели Илија.
Во извесна смисла, насока од калибарот на Суперкулуар е логичниот следен чекор во индивидуалниот развој. Понатаму, секако е неопходно такво искачување и во колективниот алпинизам, дополнува тој.



Качувањето заедно е клучно во синхронизирањето

Како што ни споделува тој, Суперкулуар како насока сама по себе плени со естетиката пред сѐ - брутално права линија низ кулуар која се протнува низ сува карпа.

- Практично во тие 600 метри се искусува вистински алпинизам во неговото јадро - во голема планина сите различни подлоги за качување се испреплетени. Тоа, од една страна, е значајно достигнување, а од друга, е увертира во нешто што за нас би бил следен предизвик. Потребата да се соочиме со значајна транзиција во нашиот алпинизам - најавува Илија.

Со постојаното качување и тековно тренирање за одржување на формата со специфичен, наменски тренинг почнале уште во август.



- Најпрво индивидуално, бидејќи живееме во различни градови. Но, програмата за тренинг е усогласена со цел исти перформанси. Првите неколку месеци, до октомври, се гради основата, а од октомври, покрај суви тренинзи, почнавме и со ситуациони тренинзи на карпа. Качувањето заедно е клучно во синхронизирањето, а качувањето на карпа само по себе е релевантно за позиционирање и темпирање на формата. Во зимските месеци тренинзите се пренасочија целосно кон планина, и качување во заснежена карпа и мраз и спој од услови кои се слични на тоа што нѐ очекуваше. Секако, клучна е „километражата“ помината низ искуството во планина за да може да се биде брз и ефективен таму. Неизоставен сегмент е и турно скијањето - клучно за брз пристап и отстап од насоката - ни споделува Илија.

Качување на сува карпа, во микс од карпа и мраз и во чист мраз во еден ден


Насоката е долга, континуирано тешка и подразбира способност и подготвеност да се качува на сува карпа, во микс од карпа и мраз и во чист мраз.


- Тоа подразбира три различни техники на качување кои треба да се изведат со целосно зимска опрема - дерези и цепини, пред сѐ, за да се искачи во еден ден, без преспивање во насоката. Поради условите што ги затекнавме во насоката, а беа евидентни цела зима, првите две должини од насоката беа исклучително суви (без мраз), што придонесува целото искачување да се прави со голема мера на истрајност, ментална и психичка. Обезбедувањето покрај насоката е оскудно и бара многу повеќе внимание и умствена насоченост кон безбедноста на наврската. Клучни за ова искачување се партнерството и довербата што ја имавме еден во друг. Дополнително, кон тоа се надоврзуваат и истрајноста и одговорноста да не го разочарате партнерот, во секоја смисла. Ваквите искачувања, кои надминуваат лични, поточно заеднички граници, на наврската подразбираат целосна доверба еден во друг. Тој однос оди дотаму што двајцата размислуваат како еден, формалната комуникација е сведена само на формата, а меѓусебната поврзаност е на највисоко ниво. Практично едниот го следи секој здив на другиот за да може цела енергија да се насочи кон искачувањето, а ни атом да не оди залудно во етер. Меѓусебното познавање, доверба и синхронизираност се на тоа ниво што може едниот да носи одлуки и да реагира тековно додека другиот прави нешто друго. Тоа може да се манифестира во самото качување, во подготовката на ранецот и опремата, подготвување храна, распределба на храната и течностите, подигнувањето камп - раскажува Илија Циривири.

Себенадминувањето е она што ве води чекор понатаму


Најголема тензија во искачувањето на Суперкулуар прави исчекувањето на исходот од оние фактори што не може да се контролираат, како временски услови и услови во самата насока, на глечерот, лавинска опасност, глечерски дупки, студ…



- Целото совладување на овој предизвик бара особено смирение во тие моменти за да се задржи позитивна енергија и чист ум во пристапот кон искачувањето. Како и секогаш, техничките квалитети на алпинистот се основата за да се надмине физичката препрека, проблем. Суштински во алпинизмот е да се соочите со себеси во клучни моменти. Кога разумот треба да надвладее во критични моменти, без разлика на физичката исцрпеност или надмоќ над движењата - себенадминувањето е она што ве води чекор понатаму - вели Циривири.

Подвигот на Илија Циривири и Мартин Пејоски се смета за еден од најголемите успеси во македонскиот алпинизам во последните години. Но прашањето е што би бил следен предизвик.



- Битен е бидејќи колективно нѐ доведува до „матурирање“ во алпинизмот, а тоа е искачување на трилогијата, северните страни на Гранд Жорас, Матерхорн и Ајгер. Иако Македонија има алпинистичко искачување на врв над 8.000 метри, Еверест, кој единствено алпинистички е качен во 1989, нам ни недостига решавање на алпските проблеми, односно трилогијата. Таа е мериторна за алпинистичката зрелост да се искачуваат нови врвови по неистражени патеки, преку првенствени насоки во планините од 6.000 метри, па нагоре. Во тој домен се движи современиот светски алпинизам. Практично, т.н. алпски проблеми се среќаваат во далеку поголем размер. Начинот да се стигне до вистински алпинизам и вистински алпинистички вредности за нас почнува преку Суперкулуар - подвлекува нашиот соговорник Циривири.

Фото: приватна архива

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема