X
 01.07.2019 Живот

Германски град има ефикасен начин за намалување на ѓубрето

Сè повеќе градови се убедени дека кога ударот по џебот е жесток, кантата за ѓубре и не е толку далеку.

Фрлањето на таканаречениот ситен отпад на улица од април стана многу скапо во Манхајм. Тој што ќе фрли салфетка, какво било пакување или догорче и ќе биде фатен на дело, ќе мора да плати 75 евра, како и такса за обработка на казната од 28,50 евра.

Гумите за џвакање, кои потешко се отстрануваат, се 25 евра поскапи. Оној што ќе се прави важен пред органите за ред и нема да сака да го тргне ѓубрето од улица, ќе плати двојна казна.

- Не станува збор за тоа да се наполни градската каса - вели Мартин Шмит од посебната редарска служба (нешто како комунална полиција).

- Градот ги зголеми казните откако за 30 милиони евра ја среди пешачката зона. Таа треба да остане чиста - изјави Шмит.

Свеста за тоа е зголемена. Така, покраината Баден-Виртемберг, во која се наоѓа Манхајм, дури минатиот декември донесе поостри казни со кои фрлањето ситно ѓубре на улица се казнува со парична казна од 50 до 250 евра. Претходно тоа било од 10 до 25 евра.

- Кога некој ќе го фрли своето догорче, ние сме тука. Голем дел од луѓето се шокирани и велат: „Се шегуваш“ или „Зошто баш јас?“ Тогаш им објаснувам дека мора да плати секој што ќе го фатиме. Добро е што ова е поука и за другите - вели Шмит.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот