X
 01.07.2021 Живот

Ирска дозволува само вакцинирани гости во рестораните

Ирска го одложи повторното отворање на рестораните и баровите во затворените делови и планира да го ограничи престојот во затворени ресторани и барови само на луѓе кои се целосно вакцинирани.

Владата во вторникот ги објави измените, откако здравствените власти предупредија на можен бран на инфекции и смртни случаи предизвикани од делта-варијантата на коронавирусот.

На 5 јули кафулињата и рестораните требаше да добијат дозвола за служење во затворени простории и оваа услуга да биде достапна за секој. Но, сега овој потег е одложен и ограничен на клиенти кои се целосно вакцинирани или кои прележале ковид-19 во последните 9 месеци.

- Во трка сме со Делта-варијантата и вакцината и сакаме да направиме сѐ што е во наша моќ за да обезбедиме победа на вакцините - изјави премиерот, Михаел Мартин.

Ирска е една од единствените земји во Европа што ја задржува забраната за угостителство во затворени простории. Одлуката за ограничување на пристапот само за оние кои се вакцинирани или прележале ковид-19 следува по сличниот потег на земји како Австрија, Германија, Кипар, Данска и Латвија.

Постепеното олабавување на ограничувањата не донесе пораст на инфекции, а 40 отсто од населението е целосно вакцинирано. Сепак, оптимизмот дека Ирска е на пат за следната фаза на повторно отворање, исчезна кога Националниот тим за итни случаи во јавното здравство предупреди дека земјата може да се соочи со зголемен број на инфекции доколку епидемијата на делта-варијантата се совпадне со олабавувањето на мерките.

Критичарите на ограничувањето на јадење во затворени простории само за вакцинираните луѓе велат дека тоа ќе го наруши законодавството за еднаквост и нема да функционира, особено затоа што рестораните имаат тенденција да вработуваат помлади, невакцинирани лица.

Извор: The Guardian
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот