Истражувачите од Универзитетот во Мериленд открија нов пристап во лекувањето на каснувањата од отровни змии, користејќи ги истите протеини за блокирање на токсините кои змиите во текот на еволуцијата за да се заштитат себеси. Тим од научници утврди дека одредени комбинации на протеини од крвта на западната дијамантска ѕвечарка имаат досега незабележана способност за неутрализирање на отровот на повеќе опасни видови змии.
Истражувањето го водеше Шон Б. Керол, угледен универзитетски професор по биологија. Резултатите нудат ветувачки пат кон развој на посилни противотрови на смртоносните каснувања од змии, кои и понатаму се голем јавноздравствен проблем во одделни делови од светот.
- Ова е една од оние приказни во кои природата веќе го решила проблемот со кој ние се бориме со децении - вели Керол.
Каснувањата од змии и понатаму се една од најзанемарените тропски болести во светот. Светската здравствена организација проценува дека поради каснување од отровни змии, секоја година умираат меѓу 80.000 и 140.000 луѓе, додека стотици илјади жртви остануваат со траен инвалидитет. Многумина од настраданите живеат во рурални области каде што пристапот до ефикасен противотров е ограничен. Денешните противотрови спасуваат животи, но имаат многу недостатоци. Се произведуваат со инјектирање на змиски отров кај големи животни, по што од нивната крв се издвојуваат создадените антитела. Ваквата постапка е скапа, квалитетот и ефикасноста на препаратите можат да варираат, а противотровите често не дејствуваат еднакво добро на широк спектар токсини од различни видови змии, пишува „Медикал њуз“.
Можат да предизвикаат и сериозни имунолошки реакции. Поради тие ограничувања, научниците веќе долго време бараат подобар начин за лекување, а во овој случај се вратија на самиот извор на проблемот – змиите.
- Веќе стотина години од многу сведоштва знаеме дека отровниците главно се отпорни на сопствениот отров. Но долго време никој не знаеше што точно се наоѓа во нивната крв и ги штити – рече Керол. Неговата лабораторија во 2022 година пронајде дел од одговорот. Откриен е протеин наречен ФЕТУА-3, кој го блокирал дејството на многу токсини од групата металопротеинази во отровот на западната дијамантска ѕвечарка. Протеинот ФЕТУА-3 се врзувал и за токсините во отровите на неколку други видови ѕвечарки и исто така го запирал нивното дејство.
- Тоа беше еволутивен начин на кој змиите се штитат да не се отрујат самите – рече Керол. Тоа откритие покрена ново прашање. Зошто да се потпираме на антитела од крвта на коњи кога природата веќе подготвила ефикасен противотров токму во самата змија? – праша тој.
Фото:magnific