Кога денес ќе се помисли на милијардери, главно се споменуваат имињата на Џеф Безос или Илон Маск. Сепак, долго пред нив патот го отворил човекот кој стана симбол на американскиот капитализам, Џон Д. Рокфелер, првиот светски милијардер.
Роден во 1839 година во скромна фамилија во Њујорк, Рокфелер пораснал со мајка која му всадила работни навики, додека таткото, трговец кој патувал и имал сомнителен морал и репутација, ретко бил дома. Уште како дете Рокфелер покажувал претприемачки дух, одгледувал мисирки, продавал слатки и работел ситни работи за соседите. На 16 години ја добил првата работа како помошник-сметководител во една трговска компанија во Кливленд, за дневница од 50 центи. Неколку години подоцна, на 20-годишна возраст, отворил сопствена компанија за продажба на храна и брзо потоа се случило нешто што му ја променило судбината - во Пенсилванија била откриена нафта.
Додека другите брзале да дупчат, Рокфелер сфатил дека иднината е во преработката. Отворил рафинерија во Кливленд, а за две години таа станала најголема во регионот. Во 1870 година заедно со брат му Вилијам и со Хенри Флагер ја основале „Стандард оил“, компанијата која ќе обележи цела епоха.
Керозинот бил најбараниот производ. Рокфелер брзо го освоил американскиот пазар, а неговата компанија вработувала научници кои откривале нови начини за искористување на нуспроизводите од преработката на нафтата, како бензинот. Неговата тактика била незапирлива, ја купувал конкуренцијата, склучувал тајни договори со железници и ја користел секоја можност за зацврстување на монополот. До 1882 година „Стандард оил“ контролирал дури 90 % од американската нафта.
Подемот не поминал без отпор. Рокфелер во медиумите бил прикажуван како немилосрден магнат, а новинарката Ида Тарбел напишала серија текстови во кои ги разоткрила неговите методи и се исмејувала со минатото на татко му.
По долг процес, во 1911 година Врховниот суд во САД пресудил дека компанијата го прекршила Шермановиот антимонополски закон и наредил нејзино разбивање на повеќе помали фирми. Иако го загубил монополот, Рокфелер излегол побогат бидејќи новите компании станале денешните гиганти „Ексон“, „Шеврон“ и „Мобил“.
До крајот на животот тој беше симбол на американскиот капитализам, но и контроверзен лик - за некои визионер, за други олицетворение на бескрупулозната алчност.
Починал во 1937 година, а процените на неговиот имот варираат од 30 до 400 милијарди долари во денешна вредност.
Без оглед на бројките, едно е сигурно, Рокфелер засекогаш го промени начинот на кој светот ги разбира богатството, моќта и границите на капитализмот.
Извор:
Buka
Фото: Instagram/Rockefeller Archive Center