Доктор Риад Хајдаревиќ, научник од Босна и Херцеговина кој работи на Институтот за истражување на канцерот во болницата „Радиум“ во Осло, пишува за начинот на кој луѓето се однесуваат кон медицината, нивната недоверба и несовесната работа на некои луѓе кои се богатат на маката на другите.
Во продолжение можете да го прочитате текстот во целост.
Како научник кој секојдневно се занимава со ракот, научив една важна животна лекција - нема рак кој комшивките не го излечиле. За волја на вистината, само во нивните глави, но подобро некако отколку никако. Доволно е да испиеш едно утринско кафе со екипата од соседството и да помислиш дека хемотерапијата е она што паѓало по Нагасаки и дека Нобеловата награда треба да му се даде на ликот што го измислил почетниот сируп. И така, по третата голтка кафе и половина испушена цигара сфаќаш дека ние, Балканците, не сме неедуцирани, туку сме фантазери. Толку фантазираме што од ракот направивме жанр фантазија, а од медицината занает „направи сам“.
Шегата настрана, еден дел од вината за овој интересен феномен ја носи историјата. Нашите баби (а и мајки) за хемотерапијата слушале како за нуклеарен удар. Раните генерации на лековите имале сериозни несакани ефекти и тоа никој не го крие. Медицината, за разлика од локалните надрилекари (некои и со вистински дипломи), не се срами да ги признае сопствените несовршености. Другиот дел од вината го носи фетишот кон зборот „природно“. Бидејќи сè што е „природно“ е автоматски добро. Логично! Притоа, не пречи што и цијанидот е природен. Но, затоа хемотерапијата е отров. За разлика од, да речеме, гоџи-бобинките кои, според балканските верувања, имаат моќ да излечат и метастаза на црниот дроб. Ако си поминал барем два часа на „Фејсбук“, сериозно почнуваш да се сомневаш во своето образование и се прашуваш што ако ракот навистина е последица на тоа што луѓето спијат со мобилниот под перница.
Да се разбереме, хемотерапијата не се прима во спа-центар. Има нуспојави. Некогаш многу грди, некогаш неподносливо тешки. Но, тоа е терапија која, заедно со модерните лекови, секој ден спасува животи. Модерната онкологија не е среден век и не е колективно труење. Таа е студена, ригорозна, бавна, но прецизна наука. Наука која се бори против болест која не игра по правилата. Уште поважно, тоа е наука која напредува, постојано и неуморно. Луѓе го преживуваат она од што некогаш се умирало штом било дијагностицирано. Причината за тоа сигурно не е сода бикарбоната помешана со лимон, испиена наутро на гладно.
За нештата дополнително да се искомплицираат, постои особено гнасна категорија на луѓе која овој проблем со недоверба и незнаење го користи за лично збогатување. Вистински лекари и научници со лажни теории. Луѓе кои некогаш положиле онкологија, а денес продаваат „детокс“ протоколи од тешки метали, пластика, жива во туна, паразити (леле, паразити), габи, лоша енергија, траума од матката, патогени од чорапи и тефлон. Тоа се оние што носат бел мантил само кога се сликаат за „Инстаграм“, додека зад нив стојат полици полни со додатоци за исхрана, кои се увезуваат од некојаси гаража во Гетеборг. Тие знаат точно што прават така што го користат авторитетот на дипломата за да го спакуваат својот личен интерес во нешто што личи на наука. Па ти продаваат приказна за „функционален ресет на организмот“, за „антиканцерогени диети“, за „природен протокол кој фармацијата го крие“. А во реалноста, единственото што го кријат е фактот дека сфатиле колку е профитабилно да се манипулира со луѓе што се борат за живот. И додека тие бројат евра од суплементите и беспотребните анализи што ги препорачуваат, нивните пациенти ја губат највредната валута што ја имаат - времето.
И затоа кога ќе се оттргнеме од бучавата на интернет, од гласовите на тетките и информациите „од прва рака“ на сосетките, останува една ултимативна вистина - ракот е состојба која не простува линија на помал отпор. Нему не му е гајле колку е нешто „природно“, колку е во тренд или колку пати е прегледано на „Тик-ток“. Ракот ја игра својата игра ладно, математички и без емпатија. И единственото нешто што има каква било шанса против таков противник е, исто така, ладна, математичка, бавна, но ригорозно проверена наука.
Затоа пораката тука е едноставна. Одбирајте ги доказите, а не ветувањата. Одбирајте ги луѓето што ви ја кажуваат вистината, а не оние што ви продаваат надеж на метар. Одбирајте го она што има резултати, а не она што има убава приказна. Бидејќи ракот е противник кој нема да ве штеди и затоа ниту вие себеси не смеете да си дозволите да го штедите.
На крајот, сè се сведува на една одлука. Дали ќе верувате во гоџи-бобинки или во луѓе кои секој ден се борат да ви овозможат уште еден?
Фото: Freepik