X
 17.10.2018 Технологија

Развиен систем кој ги препознава клетките на рак во 99 отсто од случаите

Системот на „длабоко учење“, развиен во лабораторијата за вештачка интелигенција на „Гугл“, пронајде нова примена во медицината. Овој пат лекарите и научниците можат да го користат овој систем за патолошки анализи и дијагностицирање на карцином на дојка кој се проширил од примарното жариште на околните лимфни јазли.  

За таа цел, уште во 2016 година бил развиен посебен систем LYNA (LYmph Node Assistant), кој во меѓувреме бил унапреден, тестиран и претворен во вистински помошник за лекарите.

Научниците од „Гугл“ што се занимаваат со вештачка интелигенција успеале да го истренираат системот на дополнително собирање податоци, така што тој сега уште подобро ги препознава клетките на карцином на снимките од ткивото. Моменталната прецизност со која LYNA препознава на кои снимки се гледа метастаза, а на кои не, е неверојатни 99 отсто.

Освен препознавањето на појавата на клетки на рак, овој систем може да ја изолира и нивната локација на снимката и да препознае и други сомнителни области, а може и да им даде препорака на лекарите на што да посветат поголемо внимание.

Системот е тестиран на микрометастази, кои тешко се забележуваат, при што имал одлични резултати и го преполовил времето што е потребно за анализа на таквите снимки, велат од „Гугл“.

Иако оваа технологија покажува одлични резултати, научниците што ја развиле велат дека тие резултати се остварени во контролирани услови и на ограничен сет податоци.

Од „Гугл“ напоменуваат дека ќе треба уште да се работи на системот за да се имплементира вештачката интелигенција во реалниот свет на дијагностиката, каде што активно би им помагал на лекарите, но секако се оптимисти дека тој ден ќе дојде наскоро
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија