Кога Брус Кнолмајер дознал дека има рак на левиот бубрег, стравот од тоа што го очекува му станал секојдневие. Но, наместо познатата и исцрпувачка патека со хемотерапија, зрачење и операција, тој добил неочекувана можност - да учествува во експериментално истражување со имунотерапија во Центарот за рак во Њујорк.
Во период од шест месеци Кнолмајер примил девет инфузии на терапија што има цел да ја активира сопствената одбрана на телото против туморот. Резултатот го изненадил.
- Направија скен и рекоа дека веќе не го гледаат туморот. Искрено, не можев да поверувам дека дејствува толку брзо - вели тој.
Истражувањето во кое учествувал Брус може драстично да го промени начинот на лекување на одредени тумори. Станува збор за тумори со таканаречен ММР-дефицит, кои успеваат да го блокираат одговорот на имунолошкиот систем. Новата терапија користи антитело што ја „деблокира“ природната одбрана на телото, дозволувајќи ѝ повторно да го нападне ракот.
Според д-р Андреа Черцек, водечки онколог во истражувањето, традиционалниот третман за овие видови рак, особено во рана фаза, вклучува операција, хемотерапија и зрачење. Но, новата терапија покажала извонредни резултати кај 103 пациенти со тумори во фази 1 до 3.
- Кај 80 отсто од пациентите третманот со имунотерапија бил доволен и не била потребна ниту операција, ниту хемотерапија, ниту зрачење - истакна Черцек.
Ова откритие не ветува само надеж, туку и револуција во онколошкото лекување
Најголем напредок бил забележан кај пациентите со ректален карцином: сите 49 пациенти имале целосно исчезнување на туморот. Кај преостанатите пациенти со тумори на хранопроводот, мочниот меур и црниот дроб, 65 отсто постигнале иста реакција.
Д-р Луис Дијаз Џуниор, коавтор на истражувањето, вели дека ваквите резултати не само што спасуваат животи, туку и значително го подобруваат квалитетот на животот.
Операциите и зрачењата кај ректален рак можат да предизвикаат неплодност, проблеми со варењето и сексуална дисфункција. Овој пристап го елиминира сето тоа.
Иако само 2 до 3 отсто од сите тумори во рана фаза ја имаат оваа мутација, научниците веќе го испитуваат потенцијалот на ова антитело во комбинација со други имунотерапевтски агенси, чекор што може да го прошири бројот на пациенти што би имале корист од овој третман.
Ова откритие не ветува само надеж, туку и револуција во онколошкото лекување.
Фото: Screenshot/CBS