X
 02.07.2020 Наша тема

Облека, постелнини, лични работи украдени од студентските соби во „Стив Наумов“ додека беше затворен

Студенти сместени во студентскиот дом „Стив Наумов“ се жалат дека им недостигаат многу лични работи од нивните соби, кои биле украдени во периодот додека домот не работеше. Кражбите се случувале во сите згради на домот. Студенти се револтирани дека им фалат алишта, обувки, ќебиња, постелнини.

Студентите сè уште ги собираат своите останати работи од собите, а тоа може да го направат до 3 јули

Кражбите се случувале во речиси сите објекти на домот. Дел од студентите пријавиле во МВР. Оттаму ни одговорија дека од воспоставувањето на мерките во врска со Ковид-19, заклучно со денес, се евидентирани пет кривични дела извршени во студентскиот дом „Стив Наумов“.

- Станува збор за три кривични дела тешка кражба, една извршена во март и две извршени во април и две кривични дела кражба, кои се гонат по приватна тужба (двете извршени во јуни). Притоа, за четири кривични дела – две кривични дела кражба по приватна тужба и две кривични дела тешка кражба бил земен записник за примање кривична пријава против непознат сторител, додека увид на местото на настанот е извршен на едно кривично дело тешка кражба. СВР-Скопје презема мерки за нивно расчистување - велат од СВР-Скопје.

- Во првата недела кога ни беше одобрено да си ги земеме работите, прво отиде мојата цимерка, па по два дена и јас. И двете забележавме дека ни недостигаат работи – алишта, обувки, средства за хигиена. Се пожаливме во управата, пишав во нашата група на „Фејсбук“ и почнаа да се пријавуваат и други студенти дека го имаат истиот проблем. Во некои од собите се обиени врати. Јас лично не пријавив во полиција - вели Сара Михајлова, студентка од Битола.

Факултети.мк се обиде да поразговара со некој од управниците на зградите и на бараките во домот, меѓутоа, ни беше кажано дека не смеат да даваат никакви изјави. Директорот на Државниот студентски дом, Дарио Николовски, вели дека е направен увид, дошла и полиција и дека ќе најде начин да го расветли случајот. Тој го осудува гестот и најавува дека приоритет му е да биде обезбеден видеонадзор на овој студентски дом.

- Полицијата треба да го расчисти случајот и да се одговара за стореното. Разговарав со управниците и вработените. Во планот за јавни набавки за годинава имаме да се постави видеонадзор на овој студентски дом, како што ставивме во „Кузман“. Само во овој студентски дом имавме ваков вид проблем со кражби, од ниеден друг студентски немаме поплаки. Но, ДСД беше многу задолжен кога го наследивме и немавме можности досега да ја реализираме и оваа активност - вели Николовски и најавува дека ќе организира онлајн-средба со оштетените студенти. 

Студентката Ј.М., која исто така е оштетена, вели дека веќе нема доверба во никаква управа на домот и дека повеќе никогаш не би седела во студентски дом.

- Забележав дека ми фалат некои работи, но си помислив дека сум ги однела дома. По неколку дена излегоа објави дека на многу студенти исто така им фалат работи и дека се работи за кражба. Некои пријавуваа во полиција, даваа изјави, но попусто. Вакви кражби и порано се случувале, но се гледало насилно навлегување, кршени врати и прозорци, а овој пат како да влегол некој со клуч, си одбирал алишта, постелнини, обувки, дуксери, јакни, кожени палта, тексас-палта, патики... Сите сме револтирани и бесни бидејќи знаеме дека нема да се реши случајот, како и сите други случаи со кражби, напади од манијаци, кои исто така беа пријавувани во ДСД Скопје, беа известени управниците, беше известена полицијата. Дури додека давав изјава, личните податоци ми беа злоупотребени од страна на полицаец за да ме заследи на социјалните мрежи - вели студентката.

Таа прашува: Кој ќе одговара за украдените работи? 

- Од студентскиот дом ни велат дека тие не се виновни, ниту чуварите. Нам ни треба обезбедување! Некој што сериозно ќе застане и ќе се спротивстави на овие опасни работи, а не чувар кој нѐ „чува“ од студенти-соседи и ни наредува да си одиме во своите соби по 23 часот. Немаме веќе доверба во тие чувари, бидејќи безбедноста во студентскиот дом е на најниско ниво, немаме доверба ниту во полицијата, бидејќи тие се првите што го прекршуваат Законот за лични податоци и ништо не придонесуваат за безбедноста. Кога ќе размислам и кога зборуваме со студенти што беа сместени во студентскиот дом, решени се повеќе да не престојуваат таму, велат: „Што ако си ги оставевме лаптопите или некои уште повредни работи, денес ќе биде некој дуксер на студент, утре може да се случи нешто полошо, да не даде Господ. На почетокот од годината им дававме предлози на комисиите и на управниците за сите студенти да си направат клучеви и од влезните врати на студентските, но не нѐ послушаа. Затоа сега влегува секој, затоа никој не одговара. По овој настан јас сум решена повеќе да не престојувам во студентски дом бидејќи безбедноста ми е загрозена. Залудно се надевам дека ова ќе биде последен случај на вакво нешто. Ние веќе немаме кому да му се обратиме за овие проблеми, единствени ни се медиумите кои, се надевам, ќе допрат до граѓаните и ќе ја видат реалната состојба за тоа што се случува во студентските домови - вели студентката.


Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска/srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема