X
 02.07.2025 Живот

Никој не го одгледува ова растение, а носи 1.000 евра по килограм

Иако најчесто се поврзува со производство на пиво, хмељот (Humulus lupulus) крие многу повеќе од горчливите ноти што му ги дава на овој омилен пијалок.

Тоа е растение од семејството „Cannabaceae“ чии изданоци - нежни како диви аспарагуси - денес се едни од најскапите гастрономски деликатеси во Европа. Неговите млади изданоци, со малку горчлив вкус и богат нутритивен профил, се консумираат во пролетните месеци и се ценети поради нивната нежност и сезонски карактер.

Во некои европски земји килограм свежо набран изданок од хмељ достигнува вртоглави 1.000 евра, а во Западна Европа овие изданоци се сметаат за вистински кулинарски луксуз, на поширокиот Балкан тие се речиси заборавени.

Историјата на хмељот: Од египетски пијалоци до баварско пиво

Иако хмељот денес е неразделно поврзан со производството на пиво, неговата употреба во исхраната и медицината датира од далечното минато. Во времето на античките Египќани, натопените зрна се користеле за подготовка на пијалоци со лековити својства, иако хмељот сè уште не бил дел од рецептот.

Дури во 11 век баварските монаси почнале да го користат хмељот за ароматизирање и конзервирање на пивото. Токму тие ја популаризирале неговата употреба во производството на пиво, давајќи му на пивото карактеристична горчина што ја знаеме денес. Сепак, освен во пивската индустрија, хмељот играл значајна улога и во народната медицина уште од самиот почеток.

Свештениците го користеле како природен седатив - помагал во смирување на нервите, несоницата, па дури и се споменувал во контекст на намалување на либидото. Неговата разноврсност го направила вреден сојузник и во кулинарската и во фармацевтската индустрија.


Гурмански деликатес: Скап, лесно расиплив и редок

Денес никулците од хмељ се сметаат за гастрономски бисер во европските ресторани. Нивната цена е одредена од неколку фактори: растат диво, тешко се одгледуваат, се собираат рачно и сезонски и имаат исклучително краток рок на траење. Најдобро е да се консумираат веднаш по берењето, поради што се достапни речиси исклучиво локално.

Токму оваа комбинација од ограничена понуда и голема побарувачка ги претвори никулците од хмељ во луксузен производ што може да достигне цена и до 1.000 евра за килограм.

Балканскиот парадокс: Има совршени услови, но не се произведува

Иако климатските услови низ цела поранешна Југославија се совршено погодни за одгледување хмељ, ова растение речиси исчезнало од овдешниот земјоделски пејзаж. Сериозното одгледување хмељ бара значителни инвестиции - од инфраструктура до технолошка опрема. Ова често ги обесхрабрува малите производители. Сепак, со оглед на растечката популарност на занаетчиското производство на пиво и домашните производи, хмељот во овој регион има потенцијал да се врати.

Можност за домашните претприемачи

Во време кога домашното земјоделство бара нови модели на одржливост и пазарни нишки, хмељот се појавува како интересна, а пред сè - вредна опција. Не само за потребите на пиварската индустрија, туку и за високата гастрономија, која сè повеќе ги цени сезонските и автентичните производи.

Можеби навистина е време повторно да се осврнеме на ова растение - не само како состојка во пивото, туку и како ресурс чиј потенцијал Балканот моментално непотребно го занемарува.

Извор: 6yka.com

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот