X
 02.10.2019 Живот

Машините за перење алишта се извор на бактерии

Научниците првпат ги идентификуваа машините за перење алишта како потенцијални расадници за супербактерии отпорни на антибиотици. Имено, штедењето електрична енергија во перењето на ниски температури се чини дека не ги убива сите бактерии.

Машините за перење имаат една задача - да ја отстранат нечистотијата од алиштата. Но, нова студија покажа дека процесот на перење можат да го преживеат бактериите отпорни на лекови и на тој начин да бидат сериозен ризик за човековото здравје.

Во Германија уште во 2012 година е забележан случај во детска болница каде што најмалку 14 деца од неонаталниот оддел за интензивна нега биле заразени со супербактеријата Klebsiella oxytoca, за која научниците веруваат дека е проширена токму преку машините за перење.

Споменатата бактерија кај децата не предизвикала заболувања, но позната е по тоа што може да предизвика воспаление на белите дробови, инфекција на уринарниот тракт, инфекција на раните и особено може да предизвика инфекции кај лицата со ослабен имунитет.

Отпрвин на лекарите од болницата не им било јасно како се заразиле децата, па била започната истрага. Се верувало дека бактеријата на децата им ја пренел медицинскиот персонал или мајките, но истрагата ги одвела во сосема друга насока - до обичните пералници што се користеле во болницата.

Инаку, болниците користат специјални пералници кои перат на високи температури и со додавање  средства за дезинфекција.

- Ова е многу невообичаен случај, болница да користи класична машина за перење алишта - истакна Рикарда Шмитојсен, научник од Институтот за хигиена и јавно здравство при Универзитетската болница во Бон, која работела на споменатата студија.

Кога биле земени примероци од преградата за детергент и од гумата на вратата на машината, била откриена споменатата бактерија. По отстранувањето на пералниците од болницата било спречено понатамошно ширење на заразите.

Ова истражување само стави дополнителен акцент на тоа дека болниците секогаш треба да користат професионални пералници.

Авторите на студијата ги предупредуваат и корисниците на обични пералници да внимаваат кога ги перат алиштата на чувствителни лица. Се препорачува перење на повисоки температури или користење ефикасни средства за дезинфекција за да се спречи преносот на патогените.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот