X
 02.11.2023 Живот

Хрватска компанија изработува QR-кодови за надгробни споменици - скенирате и дознавате сѐ за покојниот

Губењето на драгите лица, но и фактот дека некои членови на фамилијата немале шанса да ги запознаат освен преку фамилијарните приказни и старите фотографии, поттикнаа идеја за дигитални споменици, односно виртуелен простор во кој може да се стават спомени за починатото лице и до нив да може да се пристапи во секое време. Идејата ја реализира хрватската компанија „Диги мемориале“.

Идејата, всушност, е многу едноставна. Наместо на споменикот на починатото лице да стојат само името, презимето и датумите на раѓање и умирање, со помош на QR-код може да се направи QR-споменик - сеќавање на нечиј живот опишано преку биографија, фотографии, видео или аудиозаписи за споменот на починатото лице да останат живи и по смртта. Ваквото зачувување на спомените им помага на оние што го познавале починатиот полесно да се потсетат на старите добри времиња и да ги зачуваат спомените, што може да биде од исклучителна важност и за децата или генерациите кои се родиле по смртта на лицето.

Од компанијата појаснуваат дека целиот материјал кој фамилијата сака да го дигитализира и зачува на облак се поврзува со QR-код, кој е изгравиран на плочка од елоксиран алуминиум. На задната страна на плочката има леплива лента, па може лесно да се залепи на споменикот и е отпорна на надворешните услови.

Цените за изработка се движат од 139 до 299 евра, во зависност од тоа колку кодови ќе треба да се направат, а дополнително се наплаќа одржувањето на дигиталниот меморијал, обработката на материјалот во дигитален облик и други нешта.

Доволно е да се скенира кодот со мобилниот телефон и за неколку моменти ги имате на дланка сите спомени што фамилијата решила да ги сподели. На овој начин, велат од компанијата, се користи модерната технологија за да можат идните генерации да ги запознаат членовите на нивната фамилија.

Што мислите вие за оваа идеја?

Извор: Buka
Насловна фотографија: Digi memoriale

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот