На прашањето кое хоби ги прави луѓето најсреќни, обично се одговара врз основа на желби, а не на докази. Луѓето наведуваат патувања или некоја спортска активност во природа.
Но, активноста што се случува двапати годишно има многу мало влијание врз тоа како личноста генерално се чувствува. На расположението многу повеќе влијае она што некој го прави во обичен вторник навечер. Според тој критериум, активното занимавање со музика спаѓа меѓу подобро поткрепените одговори што ги има психологијата. Тоа го потврдува студијата од 2023 година објавена во списанието „Јуропијан џурнал оф паблик хелт“, која анализирала 11 истражувања. А од сите облици на занимавање со музика, пеењето во група е оној што истражувачите најдетално го проучувале.
Зошто „импресивното“ хоби не ги дава очекуваните резултати
Еден од најстабилните заклучоци од истражувањата за благосостојбата е дека фреквенцијата е поважна од интензитетот. Луѓето брзо се навикнуваат на големи позитивни настани, а многу бавно на мали нешта што се повторуваат. Затоа, една добра недела помината во странство обично остава помала трага врз расположението отколку скромна активност која некој ја практикува на секои седум дена.
Кај „импресивното“ хоби, дел од она што го чувствуваме всушност се случува во исчекувањето и подоцнежното прераскажување, додека самото искуство се сведува на неколку дена, а потоа станува дел од сеќавањата.
Неделната активност функционира спротивно. Таа нуди помалку причини за исчекување и речиси ништо посебно за прераскажување потоа, но постојано се враќа. А расположението многу повеќе се гради преку повторување отколку преку врвови.
Друг проблем е она што мнозинството луѓе навистина го прават кога имаат слободна вечер. Гледањето стриминг-содржини и бесконечното скролање по телефонот по дефиниција победуваат бидејќи не бараат ниту одлука ниту подготовка. А токму по таквите облици на слободно време луѓето најчесто наведуваат дека се чувствуваат празно или безволно.
Таа неусогласеност психолозите понекогаш ја опишуваат како парадокс на напорот. Активностите што бараат нешто од нас се оние што најмногу ги цениме кога ќе почнеме да ги правиме. Но, активноста што бара најмалку труд е онаа што најчесто ја избираме.
Што мора да има едно хоби за да ве направи посреќни
Теоријата на самоодредување, доминантна рамка за проучување на човечката мотивација, сугерира дека активноста долгорочно придонесува за благосостојбата кога задоволува неколку основни потреби.
Личноста мора да чувствува дека самата ја избрала таа активност, а не дека му е должна некому. Потребно ѝ е и чувство дека со текот на времето напредува и станува подобра. А многу помага и ако активноста се одвива во друштво на други луѓе.
Тежината на активноста мора да биде доволно голема за целосно да го окупира вниманието. Кога тоа ќе се случи, внатрешниот монолог што повеќето од нас постојано го водиме накратко замолчува.
Таа тишина е голем дел од она што луѓето го опишуваат кога велат дека некоја активност им ја „разбиструва главата“, а до неа е забележително потешко да се дојде за време на активности што можеме да ги извршуваме додека вниманието ни е на друго место.
Повеќето хобија исполнуваат некои од овие услови, но не сите.
Трчањето е работа на слободен избор и може целосно да го заокупира вниманието, но главно е индивидуална активност. Клубот на љубители на книги е друштвен, но ретко го окупира вниманието. Подготвувањето сложени оброци може да ги исполни речиси сите услови. Сè додека не прерасне во обврска и додека не се изгуби чувството дека самите сме го избрале тоа.
Зошто пеењето со други има толку добри резултати
Групното пеење речиси случајно ги исполнува сите тие услови.
За почеток не е потребно речиси ништо, а за разлика од повеќето активности што бараат одредена вештина, пеењето нема вистински праг на талент. Послабиот глас на поединецот се разлева во заедничкиот звук. Поради тоа, почетниците можат да го доживеат чувството на компетентност многу пред да го стекнат самите.
И социјалниот елемент функционира поинаку отколку кај вообичаените групни активности. Никој не мора да биде особено интересен, ниту да води разговор. Поврзаноста настанува така што сите во ист момент прават нешто.
Прегледот на истражувањата објавен во 2025 година во списанието „Сошал енд персоналити психолоџи компас“ покажа дека синхронизираното дејствување со други ги зголемува просоцијалното однесување и позитивното расположение, а тој ефект постои дури и во големи групи. Истражувањата на новоформираните хорови покажуваат дека нивните членови се поврзуваат исклучително брзо.
Овој последен детал вреди посебно да се разгледа бидејќи е спротивен на начинот на кој повеќето луѓе го замислуваат настанувањето на поврзаноста. Вообичаената претпоставка е дека блискоста бара отворање кон другите. Дека прво мора да раскажете нешто за себе за да можете нешто да почувствувате спрема таа личност.
Синхронизираната активност, меѓутоа, може целосно да го заобиколи тој пат. Тоа ја прави редок облик на социјален контакт достапен и за луѓето за кои разговорот е исцрпувачки или бара премногу напор.
Постои и физиолошки дел од приказната. Пеењето подразбира бавно и контролирано издишување. Метаанализата од 2023 година објавена во списанието „Сајентифик рипортс“ покажа дека техниките на свесно дишење доведуваат и до умерено намалување на стресот и анксиозноста во рандомизирани истражувања.
Пеењето го постигнува тоа без воопшто да се претставува како техника
за подобрување на здравјето. Таа комбинација е една од причините што
некои лекари на пациентите им препорачуваат вклучување во некоја
активност во заедницата наместо лек.
Фото: magnific