Белградскиот Завод за заштита на здравјето на студентите во прашалникот за вселување во студентските домови покрај опцијата машки и женски пол, нуди можност студентите да се изјаснат и како трансродни лица. Лекарите од заводот истакнуваат дека во студентската поликлиника на преглед им одат и трансродни студенти, а од студентските организации го поздравија примерот.
Од Студентскиот центар во Белград велат дека досега не наидувале на барања во домовите да се сместуваат трансродни лица, но велат дека за тоа нема никакви пречки.
-Секој студент може да се определи како што се чувствува, а така би требало да биде во сите други институции - вели Мила Пауновиќ од Заводот за здравствена заштита на студентите во Белград.
Податоците од прашалникот, како што е наведено на формуларот, се достапни само за лекарите од студентската поликлиника кои работат на вселувањето во студентските домови.
-Имаме можност да работиме со трансродни лица бидејќи доаѓаат често. Меѓу студентите има и такви кои се во процес на менување на полот. Сите тие редовно се прегледуваат и ги исполнуваат барањата на домот, како и сите други. Не бараат никакви бенефиции - вели Пауновиќ.
Фотографијата од прашалникот беше објавена во една група на „Фејсбук“ и предизвика лавина реакции.
Фото: Blic
Од студентската установа „Белград“ истакнуваат дека лицата кои би се декларирале како трансродни би можеле да ги користат сите услуги на
установата.
-Досега не беше разгледувано прашањето каде би биле сместени трансродните личности бидејќи немаше таква потреба. Во разгледувањето на структурата на собите при доделувањето би морало да се земе предвид и оддалеченоста на домот од факултетот, како и категоријата на собата (посебна бања во собата или заедничка на спратот). Во поголемиот дел домови воопшто не постојат еднокреветни соби, па е тешко прецизно да се одговори како установата би се прилагодила на хипотетичката ситуација - велат од установата и додаваат дека сѐ би се решавало во договор со Министерството за просвета.