X
 02.12.2020 Живот

Германскиот воздухопловен центар бара луѓе кои за 11.000 евра ќе лежат 30 дена - еве како да се пријавите

Примамлива понуда од германскиот воздухопловен центар: 11.000 евра за 30 дена лежење в кревет.

Центарот, со седиште во Келн, бара 12 мажи и 12 жени за истражувањето што ќе го спроведува во име на НАСА во 2021 година. Истражувањето ќе трае 60 дена, од кои 30 дена кандидатите мора да лежат в кревет.

Центарот ветува надомест од 11.000 евра за учеството.

- Но, тоа не е лесна заработка - вели Андреа Ниче, која работи во центарот. Таа е одговорна за кандидатите што ќе се пријават и веднаш појаснува: - Не е само лежење и одмор.

Учесниците во истражувањето мора да останат во кревет цели 30 дена, со глава во позиција пониска од нозете, односно за 6 степени. Кандидатите не смеат да земат ниту книга од полица ниту работи од плакарот.

- Ова е особено тешко за мажите - објаснува таа. Истражувањето ќе трае 60 дена, вклучувајќи двонеделна аклиматизација и двонеделна дополнителна нега.

Слично истражување центарот спровел неколку пати, а целта е да се откријат контрамерки што можат да се преземат против дегенеративните промени кај астронаутите. Покрај строгиот одмор во кревет, треба да се симулираат и ефектите на бестежинска состојба во вселената.

- Затоа ќе се случуваат многу работи околу „одморот в кревет“ - вели Ниче. Ќе има многу експерименти што ќе се извршуваат врз учесниците, особено пред и по одморот в кревет, но исто така и во текот на одморот што ќе биде проследен со двонеделна фаза на закрепнување.

Кандидатите мора да исполнат голем број барања. Мора да бидат на возраст помеѓу 24 и 55 години, да имаат индекс на телесна маса помеѓу 19 и 30 и да бидат високи помеѓу 1,53 и 1,92 метар.

Покрај тоа, тие треба да бидат ментално и физички подготвени и здрави. Ниче вели дека би било добро ако кандидатите се заинтересирани за заднината на истражувањето. Искуството покажа дека кандидатите на кои на ум им се само парите често не одговараат толку добро. Истражувањето ќе трае од април до јуни 2021 година.

Ако сакате да учествувате, јавете се на 02203 / 601-5347 или испратете е-порака на probanden-bit@dlr.de.

Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот