X
 03.02.2019 Живот

Од совршена десетка до обид за самоубиство. Ова е приказната на Надја Команечи

Денес веројатно ја паметат само вашите родители, а вие можеби сте го слушнале нејзиното име. Надја Команечи било девојче за кое навивале и оние што не се од нејзината родна Романија. Освен неверојатните спортски резултати, по кои остана запаметена, ова слабо девојче имало навистина неверојатна судбина која би ја преживеале само најјаките.

Родена е во мал град во комунистичка Романија во 1961 година. Татко ѝ бил механичар, мајка ѝ домаќинка, а имала и помал брат. Надја растела во среќна и здрава околина. Кога била мала, мајка ѝ ја запишала на гимнастика. До шестата година веќе развила голема страст кон спортот. Уште оттогаш знаела што ќе биде кога ќе порасне.

Ја забележал еден од најдобрите тренери по гимнастика во Романија - Бела Кароли. Тој ја прашал дали сака да работи со него, а седумгодишната Надја и нејзините родители се согласиле на неговите услови. Тренирала по околу три часа секој ден и само неколку месеци подоцна учествувала на првиот гимнастичарски натпревар, на кој не се прославила, но поради тоа почнала да работи уште повеќе. Тогаш романската влада слушнала за неа и ѝ понудила да тренира во државната гимнастичарска школа. Освен редовните часови, таа тренирала по осум часа секој ден во неделата. Брзо станала една од најдобрите во земјата. Влегла во лигата на големите. На 13 години била во Њујорк, каде што се натпреварувала на Американското првенство и таму го запознала американскиот гимнастичар Барт Конер, кој многу подоцна станал значаен лик во нејзиниот живот.


Имала само 14 години кога на Олимписките игри прва во историјата на гимнастиката добила највисока оцена, десетка. Од Монтреал си заминала со три златни медали.

По триумфот се вратила во Романија, верувајќи дека ќе продолжи со обичниот и тивок живот со фамилијата, но светот од неа направил ѕвезда. Сите светски медиуми пишувале за Надја, а романската влада ја наградила нејзината фамилија со едномесечен одмор и нов автомобил.

Тогаш почнале да се случуваат лоши нешта. Нејзините родители се развеле, а Надја била разочарана и осамена, бегала во гимнастичарската сала за да заборави на проблемите. Тогаш дознала уште полоша вест. Романската влада ја принудувала да го остави тренерот Бел и да почне да работи со стручњак по нејзин избор. Тогаш помислила дека нема излез, се изолирала и верувала дека единственото решение е самоубиството. Испила избелувач за алишта, но за среќа ја пронашле навреме и ја одвеле во болница, каде што целосно закрепнала.

Но, животот продолжил да ѝ удира шлаканици.

Во 1980 година се натпреварувала на Олимписките игри во Москва. По сите проблеми не била во вообичаената форма. Освоила две злата и две сребра, но не била задоволна од себеси.

За време на Олимпијадата тензијата меѓу Русите и Романците била голема, а многу романски тренери се сомневале во фер судењето на судиите. Поради тоа, тренерот на Надја, Бела, јавно изразил незадоволство, по што со фамилијата паднал во немилост на политичарите.

View this post on Instagram

#nadiacomaneci#flying

A post shared by Roberta Pinna (@robertapinna_art) on


Романската влада сфатила дека може да ја искористи Надја, па во 1981 година организирала „Надја тур“, на кој таа настапувала во светот, а фановите плаќале скапи влезници за да ја видат. Владата заработила 250.000 долари од турнејата, а Надја добила само илјада долари.

Кога заедно со тимот отпатувал во Америка, нејзиниот тренер Бела побарал азил за себе и за фамилијата. Надја била шокирана кога сфатила дека нејзиниот омилен тренер и најдобар пријател ја напуштил и сама се вратила во Романија.

Овој настан бил голема опомена за Романија. Надја сѐ уште им требала како фигура за насловните страници и не смееле да ризикуваат да ја изгубат. Затоа ѝ забраниле да ја напушта земјата, ѝ го прислушувале телефонот, ѝ ја отворале поштата и ја следеле каде и да оди. Постојат теории и дека била малтретирана од страна на синот на Чаушеску.

Сето тоа не ја спречило да се запознае со Константин Панаит. Го сретнала на едно натпреварување и тој ѝ рекол дека и самиот пребегал од Романија. Ѝ понудил помош во бегството. Иако не го познавала, единствено нешто што сакала е да побегне од земјата, па се согласила.

Неколку недели подоцна со уште тројца бегалци, следејќи ги инструкциите на Панаит, таа го препливала Дунав и изодела километри и километри за да стаса до унгарската граница. Благодарение на тоа што била позната, ја примиле во Унгарија, а потоа ѝ дозволиле да влезе во Австрија, каде што се нашла со Панаит. Заедно заминале во американската амбасада, каде што ѝ биле понудени политички азил и карта во еден правец за Њујорк.

Во Америка имала доста познати - тренерот Бела, уште некои Романки што побегнале, пријателот гимнастичар Барт Конер, но кога и да се обидувал некој да исконтактира со неа, сѐ одело преку Панаит. Никогаш не ѝ ги проследувал повиците и никому не му дозволувал да разговара со Надја. Го имала само него.

Надја имала јавни настапи, но Панаит секогаш бил со неа. Бил оженет, а луѓето зборувале дека тој и Надја се во врска. Надја на тие шпекулации секогаш одговарала исто: „Тоа е тајна“. Морала да го кажува тоа затоа што Панаит ја држел како заложничка.

По месеци таков живот, Надја успеала да му се довери на пријател кој му се заканил на Панаит. Тој се исплашил од полицијата и избегал со целата заштеда на Надја од 150.000 долари.

Надја полека почнала да се враќа во живот и тогаш се сетила на стариот познајник Барт Конер, со кого многу се зближила уште на Олимпијадата во Монтреал. Му се јавила и нивните телефонски разговори продолжиле во текот на следната година. Барт ја повикал Надја да се пресели кај него во Оклахома и ѝ предложил заедно да отворат гимнастичарска школа.

Почнале да живеат заедно, започнале бизнис и тоа бил најсреќниот период во животот на Надја Команечи. Се венчале во Романија во 1996 година бидејќи таа сакала да се омажи во родната земја.

Надја и Барт паралелно со школата започнале и неколку заеднички бизниси. Таа сега се дружи и со холивудски актерки, а Кејти Холмс ѝ е добра пријателка.

Во 2006 година, на 45-годишна возраст, Надја го роди своето прво дете, синот Дилан.

Покрај падовите и успесите, Надја успеала да заработи богатство. Нејзиниот имот се проценува на 10 милиони долари. Денес таа има 57 години и ужива во среќата што ја носи животот.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот