X
 03.09.2019 Живот

Ураганите како метеоролошка појава

Додека ураганот „Доријан“ беснее на Бахамите, во југоисточните американски држави Флорида, Џорџија и Јужна Каролина се евакуира населението. Поради налетот на „Доријан“, американскиот претседател Доналд Трамп претходно прогласи вонредна состојба на САД. Тоа е ураган од петта категорија – што значи дека може да предизвика катастрофални нивоа на уништување.

Но, Флорида во септември 2017 година беше погодена од најсилниот ураган „Ирма“ во историјата откако се почнати мерења над Атлантскиот Океан, но не е прв што ја погоди таа американска држава.

Во август 1992 година Флорида беше погодена од ураганот „Ендрју“, од кој загинаа 65 лица, оштетени беа над 120.000 куќи, а целосно беа уништени околу 20.000 домови.

Ураганите се метеоролошка појава која се состои од брзи ветрови придружени со дожд. Тие можат да траат и до неколку недели.

Ураганите се најголемите бури, а воздушниот вител урива сè пред себе. Темните облаци и ветрот го најавуваат ураганот, кој во разорната патека може да помине повеќе илјади километри.

Во суштина тие се бури кои брзо ротираат, а се карактеризираат со низок притисок во центарот, силен вител, чија оска е во средиштето на ураганот, и спирален пренос на облаци со грмотевици, кои носат големо количество дожд.

Вителот се формира над големите пространства на релативно топла вода. Ураганот ја добива енергијата од испарувањето на водата од површината на океаните, по што настануваат облаци и дожд, кога ќе се олади влажниот воздух.

Во зависност од силата и локацијата, ураганите различно се нарекуваат, па така над Атлантски Океан и североисточниот дел на Тихи Океан се урагани, тајфун – северозападен Тихи Океан, тропска бура и циклон – јужен Тихи Океан и Индиски Океан.

Сафир-Симпсоновата скала

Според силата, ураганите различно се класифицираат, но најчесто се користи Сафир-Симпсоновата скала (ССХС) според непрекинатата брзина на движењето на ветерот. За некој ветер да биде ураган, неговата брзина минимум треба да изнесува 119 километри на час. Најголемата петта категорија на ураган е таа чиј ветер се движи со брзина поголема од 252 километри на час.

Ураганите најчесто се формираат кон крајот на летото на двете хемисфери, а сезоната на ураганите на северната хемисфера обично е во првата половина на септември.

Ураганот почнува да се создава над Атлантски Океан, илјадници километри далеку од западниот брег на Африка. Го создаваат мали нарушувања во млазната струја на воздухот, кои патуваат од исток кон запад над Африка. Нарушувањата, кои научниците ги нарекуваат источни бранови, можат да бидат предизвикани дури и од чекор на дете во песокот на пустината. Од тоа може да се создаде мал вител од песок кој потоа може да предизвика развој на облаци на бура во атмосферата. Низата облаци на бура евентуално можат да се развијат во мал организиран систем на облаци со грмотевици. Таквите системи патуваат кон запад и кога ќе дојдат во допир со топлите води на Атлантски Океан, можат да се претворат во големи тропски бури, а потоа дури и во урагани.

Како ги добиваат имињата

Практиката за именување на ураганите со женски имиња ја почнуваат американските војници кои се бореле во Втората светска војна над Тихиот Океан, каде што настануваат најголемиот број урагани. Но, Метеоролошката служба на САД во 1979 година одлучи на листата со имиња на ураганите да стави и машки имиња, за да се испочитува рамноправноста меѓу половите.

Постојат вкупно шест листи за ураганите над Атлантски Океан и тие ротираат секоја година. Од листата се исфрлуваат имињата на ураганите што предизвикале голема штета. Таквата практика е со цел да не се предизвика паника кај населението.

Фото: Pixabay

Факти за ураганите:

1. Ураган е форма на тропска бура што се создава над топли океански води во источниот дел од Тихиот Океан, Карипското Море, јужниот дел од Атлантскиот Океан и Мексиканскиот Залив. Кога ветровите на тропска бура се под 60 км/час, се нарекува тропски циклон, и кога ветровите достигнуваат меѓу 60 и 117 км/ч, се класифицираат како тропска бура. Кога ветровите надминуваат 117 км/ч, се класифицираат како ураган. Научниците не се сигурни што ги предизвикува ураганите, но двете неопходни „состојки“ се ветар и топла вода на океанот.

2. Скалата за урагани „Сафир-Симсон” ја дефинира силата на урагани по категории.
– Бура од категоријата 1 е најслаб ураган со брзина на ветерот помеѓу 117 и 150 км/ч;
– Категоријата 2 има брзина помеѓу 150 и 177 км /ч;
– Категоријата 3 има брзина помеѓу 177 и 207 км/ч;
– Категоријата 4 има брзина помеѓу 207 и 250 км/ч;
– Категоријата 5 има брзина поголема или еднаква на 250 км/ч.

3. Во 1953 година САД почнаа да користат женски имиња за бури. Тоа е променето во 1978 година, а потоа и машки и женски имиња беа искористени за идентификување бури во северниот Пацифик. Имињата за атлантските бури се избрани од страна на Светската метеоролошка организација од листата со 21 имиња што се на шестгодишна ротација. Ако бурата е толку смртоносна или предизвика големи штети што идната употреба на неговото име на друга бура би било несоодветно, името се „пензионира“ (околу 86 имиња се пензионирани досега).

4. Ураганите предизвикуваат штета на четири главни начини: ветер, поплави предизвикани од поројни врнежи од дожд, торнадо и бура.

5. Ураганите имаат значително влијание врз економијата. Не само што ја уништуваат личната сопственост, тие можат да влијаат врз производството на стоки и услуги со оштетување на машините, нарушување на локалната понуда на работна сила и нарушување на националните синџири на снабдување.

Се проценува дека двата главни урагани во 2017 се ураганите Харви и Ирма – секој од нив предизвикал уништување на имот помеѓу 42,5 и 65 милијарди долари, што изнесува околу 0,3 проценти од БДП.

Од сите урагани во САД, Катрина (2005) предизвика најмногу економска штета – 192,2 милијарди долари.

Ураганот Харви (2017) е втор – 133,5 милијарди, ураганот Марија (2017) е рангиран на третото, ураганот Сенди (2012) е рангиран на четвртото место, а ураганот Ирма (2017) е петти. Ураганот Марија предизвика најмногу економска штета на Порторико и Девствените Острови.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот