X
 03.10.2022 Живот

Косовската Влада одбива да им ги исплати платите на наставниците што штрајкуваа

Владата на Косово е решена да не им ги исплати септемвриските плати на вработените во претшколските установи и основните и средните училишта кои, во организација на Обединетиот синдикат на образованието, науката и културата (СБАШК), штрајкуваа минатите повеќе од 30 дена, јави дописникот на МИА од Приштина.

Портпаролот на Владата на Албин Курти, Прпарим Криезиу, изјави за порталот „Газета експрес“ дека во законски предвидениот рок, до петтиот ден од почетокот на месецот, се исплатени платите за вработените во јавниот сектор, но не и за оние што штрајкувале.

- За месец септември, платите во јавниот сектор се реализирани за службениците кои излегле на работа и ги извршиле своите задачи и обврски. Месечната плата е надоместок за работа. Во случаи на штрајкувања, тоа прашање се регулира со Законот за штрајк - изјави Криезиу.

Денеска и шефицата на пратеничката група на владејачката партија Движење самоопределување (ВВ), Мимоза Кусари-Лила, по седницата на собраниското претседателство изјави дека со закон не е предвиден надоместок за штрајкувачите за деновите во кои не работат.
- Со законот за штрајк е предвидено работниците, било во јавниот или во приватниот сектор, кои се дел од деклариран штрајк, според предвидените правила со закон, не се компензираат за деновите во кои не се на работното место - изјави Кусари-Лила.

Извор: МИА


Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот