03.10.2025
Живот
Колумна: Климатските промени се голема измама (изјава на Доналд Трамп)
Минатата недела се одржа Генералното собрание на Обединетите нации (ОН). Малку слушав на вести, а потоа и подетално го читав говорот на претседателот на САД, Доналд Трамп, на седницата на Генералното собрание, особено делот за климатските промени. Во своето излагање Трамп изјави, цитирам: „...овие климатски промени се најголемата измама што некогаш е извршена врз светот“. Понатаму: „Сите предвидувања направени од ОН и од многу други беа погрешни. Тие беа направени од глупави луѓе кои ги чинеа своите земји богатство... Ако не се извлечете од оваа зелена измама, вашата земја ќе пропадне.“
За обновливите енергии (ветер и сонце) рече дека се шега, премногу скапи и слаби. Факт: од пред неколку години се случи пресврт така што инвестициите за производство на електрична енергија од сонце и ветер се пониски отколку од оние со фосилни горива. Тоа го потврдува и Меѓународната агенција за обновлива енергија (IRENA).
Опседнат со проблемите со мигрантите, Трамп изјави дека земјите во Европа се уништуваат од миграцијата, а не од климатските промени. Но факт е дека климатските промени предизвикуваат огромни штети во сиромашните земји, особено во земјоделството, па се јавува миграција на населението заради животна егзистенција.
Трамп ги нападна напорите на ОН за климатските промени, велејќи дека ја повлекол Америка од „лажниот“ Париски договор за климата затоа што „Америка плаќала многу повеќе од која било друга земја, другите не плаќале“.
Факт: Парискиот договор е обврзувачки документ донесен со меѓународен консензус во 2015 година, во кој секоја земја е замолена да постави своја национална цел за ограничување на емисиите што ја затоплуваат планетата и да одлучи колку пари ќе даде за земјите што се најтешко погодени од климатските промени. Потребна е помош бидејќи се загрозуваат животите на многу невини луѓе во светот.
Главната парола на претседателот на САД е „Америка на прво место“ (America first) и јас тоа го разбирам и почитувам. Но, од друга страна, претседателот, како што најави, ги зголемува напорите за нови дупчења за експлоатација на нафта и гас, при што државата дава и субвенции.
Климатските промени Трамп ги нарекува „голема измама“. Но за тоа дали е измама или не, меродавно е мислењето на научниците, а САД имаат најнапредни истражувачки институции во светот. Но претпоставувам дека Трамп ги застапува интересите на милијардерите кои работат со нафта и гас, како и газдите на разни индустриски капацитети базирани на фосилни горива.
СО2 емисиите испуштени во САД не влијаат врз климатските промени само на нивната територија, туку глобално на целата Земјина топка. Ме чуди тоа што политичките лидери на државите, дури и оние поголемите, не реагираа на говорот на Трамп. Веројатно се плашат од контрареакција со зголемување на царините кои во такви случаи Трамп ги качува на 100 % или 50 %.
Познато е уште од предизборната кампања дека Доналд Трамп е против Парискиот договор за климатски промени. Уште во првиот ден од стапувањето на должност како претседател тој потпиша указ со кој САД се повлекуваат од Парискиот договор. Потоа започна со укинување на разни регулаторни агенции и прописи со кои се ограничува експлоатирањето на фосилни горива. Исто така, стопирано е финансирањето на многу проекти за користење обновливи извори на енергија. Уште повеќе, вели дека американскиот јаглен игра клучна улога во нашата економија.
Зад ова тврдењата на Трамп во говорот во ОН не застана јавно ниту една научна институција или група на научници. Претпоставувам дека зад ова тврдење и соодветните политики за подржување на фосилните горива стојат одредени бизнис-кругови кои имаат интерес од таквите политики.
Во меѓувреме, милиони луѓе низ целиот свет веќе можат да сведочат за пустошот што климатските промени го донесоа во нивните животи. Доказите не се апстрактни. Тие се доживеани, смртоносни се и бараат итна акција.
Во информација објавена во Politico пред неколку дена пишува дека Министерството за енергетика на САД во својата работа ја забранува употребата на следниве зборови: “climate change”, “green”, “decarbonization”, “energy transition“, ‘clean’ or ‘dirty’ energy”, “Carbon/CO2“ итн. Не ми се верува дека ова се случува во САД.
На тема климатски промени сум пишувал многу пати, а написите ги завршувам со следнава реченица: Сè додека пазарната економија, односно профитот има приоритет пред заштитата на животната средина, климатските промени ќе се зголемуваат.
Автор: д-р Ристо Цицонков, редовен професор на Машински факултет - Скопје
Авторот е уредник на Првиот национален извештај за климатски промени на РМ кон ОН (2002 г.)