X
 03.10.2025 Наука

Зошто звукот на дождот нѐ успива?

Многумина велат дека еден од најубавите моменти е кога ќе се завиткаме во ќебе, а надвор тивко врне дожд.

Овој природен звук во заднина е најдобрата приспивна песна за многумина, и тоа не е само впечаток. Науката потврдува дека звукот на дождот навистина може да го подобри квалитетот на сонот. Причината лежи во неговото влијание врз хормонот на стрес и нашиот циркадијален ритам.

Звукот на дождот има монотон и предвидлив ритам кој го смирува мозокот и го намалува лачењето на кортизолот, хормонот на стресот.

Кога нивото на кортизол опаѓа, телото полесно се опушта, ритамот на срцето забавува и влегуваме во состојба погодна за длабок сон. Токму затоа многу луѓе побрзо заспиваат и поспокојно спијат додека надвор врне дожд.

Циркадијалниот ритам е природниот часовник на телото што регулира кога сме будни, а кога поспани. Светлината и темнината се главни регулатори на овој ритам, но влијание имаат и звуците.

Дождот се поврзува со потемни, потивки средини, па му испраќа сигнал на телото дека е време за одмор. Овој ефект дополнително го поттикнува чувството на поспаност и го усогласува нашето тело со природниот циклус на сон и будност.

Зошто звукот на дождот е толку смирувачки?

За разлика од гласните и ненадејни звуци, дождот е тивок, ритмичен и рамномерен, создавајќи совршен „бел шум“ што ги блокира другите вознемирувачки звуци.

Поврзаност со природата - дождот нè потсетува на сигурност и засолниште, што во нас буди чувство на мир и топлина.

Намалување на крвниот притисок - звукот на дождот може да ги опушти крвните садови, што дополнително ни помага подобро да се одмориме.

Покрај тоа што ни помага да спиеме, дождот може и да ја поттикне нашата креативност. Многу луѓе чувствуваат бран инспирација за време на врнежливи денови бидејќи смиреноста на умот е поврзана со полесно насочување кон внатрешниот свет.

Исто така, звукот на дождот може да ја подобри концентрацијата при учење или работа, бидејќи ги намалува надворешните одвлекувања.

Следниот пат кога ќе ги слушнете капките дожд како нежно удираат по прозорецот, сетете се дека тоа не е само романтичен амбиент, туку природна терапија за мирен сон и опуштен дух.

Извор: Danas.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука