X
 03.11.2017 Живот

Една од најголемите кражби на банки во Југославија се случила во Кавадарци

Овој случај е претставен и во Музејот на криминалистика во скопската населба Нова Колонија (Идризово). Еден од експонатите во музејот, 'рѓосана стара дупчалка, сведочи за најголемата тешка кражба

Еден од најголемите грабежи на банки во поранешна Југославија се случил токму во Македонија, поточно во Кавадарци. Овој случај е претставен и во Музејот на криминалистика во скопската населба Нова Колонија (Идризово). Еден од експонатите во музејот, 'рѓосана стара дупчалка, сведочи за најголемата тешка кражба во поранешна Југославија која се случила во Кавадарци во 1970 година во просториите на експозитура на СОК (Служба за општествено книговодство).

Четири полни вреќи со пари шест млади кавадарчани ги криеле во домот на Атанас (еден од крадците) неколку месеци. Кражбата ја извршиле така што влегле во подрумот на експозитурата и со обична хидраулична дупчалка на која ставиле зашилена метална шипка го дупчеле ѕидот под сефот. Идејата била сефот да пропадне во подрумот. Не користеле ништо друго за да не се слуша врева. Но, го промашиле местото, дупката ја направиле на чекор од сефот. Но, успеале да се протнат горе и го отвориле. Работеле две ноќи и два дена во викенд. Парите подолго време ги криеле во куќата на еден од сторителите, а потрошиле само мал дел. Не се знае кој ги предал, односно како полицијата ги фатила.

Кражбата во НЛБ банка од 2017 година е најголема во независна Македонија. Главниот извршител, Бобан Смилевски, беше осуден на девет години и два месеца затвор, додека неговиот брат Горан Смилевски, второобвинет во случајот, беше осуден на шест години и шест месеци затвор. Третообвинетиот Борис Минчевски доби пет години и два месеца, а Мирослав Каевски беше условно осуден на две години и судот му изрече забрана за отуѓување и за давање под закуп на недвижен имот. Тие се товареа дека во април 2017 година (и некое време претходно) украле 400.000 швајцарски франци и 375.000 евра, а потоа уште 2 милиони швајцарски франци и 270.000 евра. Сите обвинети ја признаа вината, но не открија што сториле и каде се украдените пари. Со пресудата тројцата првообвинети беа задолжени и во рок од една година по правосилноста на пресудата, солидарно да ја надоместат штетата на банката.
Подготвил: В.И.И. – М.А.М

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот