X
 03.11.2018 Живот

Европа воведува детектор на лаги на границите

Европската унија е обвинета за промовирање на „псевдонаука“ откако беа објавени плановите за имплементација на паметен систем за детектирање на лаги на најпрометните граници, во обид да ги идентификува илегалните мигранти.

Детекторот ќе биде тестиран во Унгарија, Грција, Латвија, а подразбира компјутерска анимација на граничар кој преку веб-камера ќе им поставува прашања на патниците. Таа анимација ќе биде прилагодена на полот, етничката припадност и јазикот на патникот.

Системот ќе ги анализира микроизразите на лицата на оние кои сакаат да влезат во ЕУ за да се процени вистинитоста на нивните тврдења за минатото, но и за намерите.

Координаторот на проектот, Џорџ Бултадакис, истакна дека тоа не е псевдонаука, туку примена на постоечките технологии.

-Ние користиме докажани технологии, како и нови, за да ги зајакнеме агентите на границите да ја зголемат точноста и ефикасноста на проверките. Системот ќе собира податоци надвор од биометријата и биометриските измами - рече тој.

Патниците кои ќе добијат ознака на низок ризик ќе поминат низ основната контрола, додека високоризичните ќе одат на детални проверки.

Финансирањето на проектот ќе ја чини ЕУ 4,5 милиони евра, а експертите ја критикуваат одлуката за неговата примена.

-Невербалните сигнали како микроизразите не кажуваат ништо за тоа дали некој лаже или не. Ова е олицетворение на сѐ што може да отиде во погрешна насока со детекторот на лаги. Нема научна основа за методите кои ќе се користат - вели Бруно Вершуре, поранешен предавач по форензичка психологија на Универзитетот во Амстердам.

Сепак, во развојот на новата технологија учествувале припадници на унгарската национална полиција, латвиската царина, како и универзитетите во Манчестер и Лајбниц. Слична технологија се развива и во САД. Научниците на Универзитетот во Аризона се надевааат дека технологијата која ја развиле може да се имплементира на американско-мексиканската граница.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот