X
 03.12.2025 Здравје

Зошто е толку лесно да се задушите со коска од риба и кои опасности произлегуваат од тоа

Рибините коски се едни од најчестите причини што луѓето завршуваат во одделот за итни случаи. Овој феномен е особено чест во азиските земји, каде што исхраната вклучува многу риба. Проблемот е толку голем што во Кина се појавиле и специјализирани клиники за отстранување рибини коски.

Иако рибите се добар извор на многу минерали, протеини и здрави масни киселини за срцето, тие исто така содржат повеќе мали, нежни „иглички“, односно коски - обично во филето од рибата

Бакаларот има приближно 17 коски, а лососот има околу 30 - иако некои риби можат да имаат над 100. Коските од јагулата често се причина за одење во итната помош, додека коските од камбалата („сплескана“ риба) се особено опасни поради нивниот број и големината - што им овозможува да се заглават длабоко во грлото.

Ова значи дека и покрај грижата што се презема во процесот на подготовка на храната, некои коски може да останат и да направат проблем. Овие коски можат да бидат опасни ако случајно се проголтаат, а задушувањето е само една од сериозните компликации што можат да ги предизвикаат. Коските од риба обично се заглавуваат во крајниците, на задниот дел од грлото, во фаринксот на задниот дел од устата, пириформниот синус (мала вдлабнатина што игра улога при голтањето) и, се разбира, во хранопроводот. 

Ако случајно голтнете коска од риба, веројатно ќе почувствувате потреба за кашлање, боцкање или чувство на „нешто заглавено“ во грлото, како и болка или тешкотии при голтање и во некои случаи дури и плукање крв.

Сепак, тие не секогаш предизвикуваат симптоми, а некои луѓе живеат и несвесно со рибина коска заглавена во грлото. На пример, во 2012 година 69-годишна Јапонка отишла во болница жалејќи се на отечен врат, а лекарите откриле дека има рибина коска од 32 мм која била заглавена во нејзиното грло девет месеци.

Неоткриените рибини коски можат да се движат. Повторното голтање може да резултира со пробивање на коските низ ѕидот на хранопроводот и движење во тесните простори на вратот. Тука коската претставува висок ризик за огромниот број нерви и крвни садови што минуваат низ вратот - како што е каротидната артерија, која е еден од главните садови што го снабдува со крв мозокот.

Коските можат да ја пробијат тироидната жлезда, што може да предизвика апсцеси и воспаление. Ова може да доведе и до сепса, ретка, но неверојатно опасна компликација.

Во некои случаи заглавените рибини коски успеале да стигнат до мускулите на вратот и под кожата. 

Затоа е важно ако случајно проголтате коска, да се обидете да ја отстраните што е можно поскоро.


Што да се направи

Кај некои луѓе силната кашлица ќе биде доволна за да се исфрли коската. Оваа техника е најефикасна во случаи кога коската е заглавена во дишните патишта, а не во хранопроводот. Но, еден проблем со кашлањето е тоа што наместо да се исфрли, коската може да ја придвижи и да помине во желудникот и низ цревата, каде што постои ризик од перфорација.

Коските што се заглавени во ѕидот на хранопроводот потенцијално би можеле да се движат низ телото, но во многу случаи ќе биде потребно ендоскопско отстранување.

Постојат совети дека јадењето леб или банана може да ја притисне коската надолу, но нема научни докази што го поддржуваат овој третман. Може уште повеќе да ги блокира дишните патишта или хранопроводот и да ја влоши состојбата со тоа што коската ќе се заглави подлабоко во ткивото. Значи, ако кашлањето не помогне и сè уште имате симптоми, следниот чекор е да побарате медицински совет.

Извор: medicalxpress.com

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје