Шпанија неодамна ги зголеми своите барања за приходи, но нејзината виза за дигитални номади сè уште не е меѓу највисоките во Европа. Странците во Шпанија што имаат виза за дигитални номади или планираат да аплицираат за неа оваа година ќе бидат подложени на повисоки барања за приходи во 2025 година.
Прагот на месечните приходи е поврзан со минималната плата во Шпанија, а Владата постигна договор со главните синдикати во земјата за зголемување на оваа плата за 4,4 отсто годинава. Ова зголемување е еднакво на дополнителни 50 евра месечно, што ја доведува месечната минимална плата до 1.184 евра, исплатена преку 14 месечни исплати (вкупно 16.576 евра бруто на годишно ниво).
Апликантите за виза за дигитални номади треба да докажат дека нивните месечни приходи се еднакви на 200 отсто од минималната плата.
Тоа значи дека сега треба да заработувате најмалку 2.762 евра месечно за да бидете квалификувани за визата во 2025 година – што е зголемување од повеќе од 100 евра месечно во споредба со минатата година. И покрај зголемувањето на барањата за приходи, шпанската виза за дигитални номади сè уште не е меѓу највисоките во Европа.
Исланд има највисоки барања за приходи за виза за дигитални номади
Номадската виза на Исланд е наменета за лица со високи приходи, кои заработуваат 7.075 евра месечно, што е највисоко во Европа.
Работниците можат да аплицираат како вработени во странска компанија или како хонорарни работници. Визата важи шест месеци, а апликантите се сметаат за даночни резиденти за време на овој период.

Фото: Freepik
Естонија е на второ место, со кандидати за виза за дигитални номади кои треба да имаат бруто-месечен приход од 4.500 евра. Визата им овозможува на лицата што работат на далечина за компании од странство или хонорарни работници кои имаат клиенти главно од странство – да останат во Естонија во период од една година.
Ако останете во земјата повеќе од шест месеци, станувате даночен резидент и подлегнувате на локалните даноци.
Визата за дигитални номади на Романија, наменета за граѓани на земји кои не се членки на ЕУ, бара да имате плата од 3.950 евра месечно, што е трипати повеќе од просечната бруто-плата во земјата.
Во 2023 година романскиот претседател Клаус Јоханис потпиша нов закон кој ги појаснува даночните барања за дигитални номади. Лицата што престојуваат подолг период во земјата се ослободени од плаќање данок на доход, социјално осигурување и придонеси за здравствено осигурување.
Визата за дигитални номади во Финска има најниски барања за приходи во Европа
И покрај високите трошоци за живот, Финска бара од кандидатите за виза за дигитални номади да заработуваат најмалку 1.220 евра месечно.
Визата за самовработени лица во Финска е отворена за претприемачи кои не се од ЕУ и кои се самовработени или водат независен бизнис.
Барањата на Црна Гора, исто така, се ниски, околу 1.400 евра месечно. Учесниците можат да ја користат визата за да живеат во земјата до четири години. Дигиталните номади имаат право на даночни олеснувања, иако детали нема.
Исто така, Албанија нуди резиденцијална дозвола за дигитални номади која на кандидатите им дозволува да престојуваат и да работат во земјата до една година. Воведена на почетокот од 2022 година, таканаречената „Уникатна дозвола“ може да се обнови петпати последователно.
Далечинските работници мора да покажат доказ за работен договор со компанија надвор од земјата кој им овозможува работа на далечина, како и доказ за плата во износ од проценети 9.800 евра годишно.
Извор:
Euronews.com
Фото: Freepik